18
Согласно распоредот за работни средби, делегацијата од Агенцијата за иселеништво предводена од страна на директорот Горан Ангелов, на 22 март 2025 година оствари посета на Македонското друштво „Македонски корени“ (Radici Macedoni) во Понтенуре.
Претседателот, Лефтер Коцев, информираше дека Друштвото е формирано со цел да се чува македонската култура и традиција преку нивни активности, така што Општината Понтенуре им определила Ден за негување на македонската култура секоја година, втората недела во септември. За време на Mакедонскиот ден, Општината им дава техничка поддршка и простор во центарот на градот, а Друштвото организира македонски штандови со македонска традиционална кујна, сувенири и богата програма преку учество на културно-уметнички групи од Македонија.
Со цел оваа програма да биде побогата, во план е да се формира локално културно-уметничко друштво заедно со членовите од друштвото во Пјаченца и да ја пренесуваат македонската култура на помладите генерации. Во иднина за потребите на фолклорната група побараа народни носии.
Исто така, заинтересирани се и за физичка настава по македонски јазик, за што директорот на Агенцијата за иселеништво ги информира дека во координација со Министерството за образование и наука, во иднина ќе работат на решавањето на проблемот за создавање на паралелки по македонски јазик во северниот дел на Италија.
По посетата на плоштадот каде се одржува манифестацијата „Македонски ден“ директорот Ангелов му додели на друштвото „Теракотна икона“ во знак на благодарност за средбата и желби за понатамошна и плодна соработка.