Со изложбата на слики „Помеѓу јаве и сон“ на Тодор Јовановски во Завичајниот музеј на Жарково се отвори 14. издание на манифестација „Денови на македонската култура во Белград – Допир на Македонија, 2025“ во организација на Здружението „Македониум“ од Белград, а под покровителство на Националниот совет на македонското национално малцинство во Република Србија и Министерството за култура во Република Србија.
За значењето на настанот зборуваше Зорица Митровиќ, претседателка на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, потоа на публиката се обратија Јелена Медаковиќ, директорка на Градскиот музеј на Белград, Искра Пенева, потпретседателка на Здружението „Македониум“ и модераторка на програмата, Здравко Вучиниќ, историчар на уметноста, кој ја отвори изложбата, и сликарот Тодор Јовановски.
Изложбата „Помеѓу јаве и сон“ на Тодор Јовановски претставува внимателно обликувана уметничка целина што комбинира фигуративно сликарство, портрети, мотиви од татковината и сцени од урбаниот живот. Преку нежни, но моќни прикази на женски фигури, авторот ги изразува емоциите, идентитетот и внатрешната сила на жената – вечната инспирации во уметноста. Во портретите ги препознаваме лицата на поети, музичарот Проески, но и сосема обични луѓе. Покрај тоа, дел од изложбата се и пејзажи и сцени од крајот од кој потекнува уметникот, носејќи го духот на традицијата, боите на неговата родна земја и ритамот на традиционалниот живот. Овие слики го зачувуваат духот на минатото, но со современа рефлексија. Белград, како место на творење и живеење на Јовановски, исто така е присутен и во ликовниот јазик на авторот. Белградските е сцени ја доловат атмосферата на градот – дишејќи со динамиката на урбаниот ритам. Изложбата е повеќе од уметничка презентација, таа е мост помеѓу личното и колективното, традицијата и современото, но во исто време и хуманитарен чин, бидејќи средствата од аукцијата на сликата „Виолинистка“ (масло на платно) ќе бидат насочени за помош на пациенти од Кочани кои моментално се лекуваат во Белград и на нивните семејства.
Посетителите ќе можат да ги видат сликите до 30 мај кога аукциската слика ќе биде доделена на понудувачот со највисоката цена.
Програмата имаше и музички настан – концерт на ансамблот „Македониум“ со кој ја одбележа деценијата на своето постоење. Гости на сцената беа пејачките групи „Луњина“ и „Срма“, како и културно-уметничкото друштво „Колан“ и хорот на Основното училиште „Доситеј Обрадовиќ“ од Умка. И овој настан го носеше истиот добротворен карактер. Кон хуманитарната акција се приклучи и деветгодишната Катја Василев која донираше 20 примероци од својата прва поетска збирка „Деца на светот“.
Во рамките на овогодинешната богата програма, покрај учесниците што творат во Белград, на настаните се предвивдени и гости од Македонија, но и од дијаспората. Така Театарот „Провокација“ од Скопје гостуваше со претставата „Земја на штркови“, која покажа како кога ќе се спојат извонреден текст и денес актуелна тема и актери кои се на висина на задачата, се добива незаборавно театарско искуство.
Следниот настан во рамките на ДМК е во БГБ, од 19 ч., четврток, 22 мај, кога ќе се одбележи Денот на словенската писменост и култура – Св. Кирил и Методиј со Свечена академија и предавање на тема „Толковниот речник на македонскиот јазик и другите лексикографски изданија“, од страна на проф. д-р Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик од Скопје. Во оваа прилика толковниот речник на македонскиот јазик ќе се промовира за првпат во Србија.
Во куќата на Ѓуро Јакшиќ следува поетски настан на 28 мај – Портрет на поетесата Емилија Тодорова од прекуокеанската Австралија, а за самиот крај на манифестацијата во Етнографскиот музеј предвидена е ревија на филмови на Љубиша Георгиевски.