Значаен јубилеј одбележува Македонското културно здружение во Германија. Оваа есен изминуваат 30 години од нивното постоење, исполнети со континуирана работа, љубов и посветеност кон зачувување на македонскиот идентитет, традиција и култура во дијаспората.
Свечената прослава е закажана за 25 октомври 2025 година (сабота), во Stadthalle Unna, во соработка со Округот „Уна“ (Kreis Unna), кој оваа година слави 50 години од своето постоење. Настанот е замислен како симбол на заедништво, културна размена и меѓуетничко разбирање.
Предвидена е богата културно-уметничка програма со учество на шест фолклорни ансамбли, кои ќе го претстават македонскиот фолклор преку македонски песни и традиционални ора. Специјална музичка гостинка е пејачката Елена Андоновска, која ќе ја заокружи вечерта со настап во живо.
Овој јубилеј, важен за целата македонска заедница во Германија, е потсетник за значењето на вредностите, културната поврзаност и напорната работа за зачувување на корените.
Повеќе информации за програмата и учесниците ќе бидат објавени на официјалните канали на Здружението, како и на Агенцијата за иселеништво.