3

Во свечена атмосфера исполнета со емоции и гордост, во неделата 07/12/2025 година, во прекрасниот амбиент на Шелдон рецепцијата се одржа Матурската вечер на учениците по македонски јазик во Викторија – генерација 2025. Настанот, традиционално организиран од Македонското Учителско Друштво на Викторија , ги собра матурантите, нивните семејства, наставници, пријатели и бројни почесни гости.


Водител на вечерта беше ученичката Микајла Митрев, која со гордост ја отвори програмата и ги поздрави присутните, предводејќи ги низ официјалниот дел исполнет со свечени моменти и аплаузи.
Матурантите од центрите на Викториското Училиште за Јазици, Килор Даунс и Томастаун беа пречекани со громогласен аплауз, по што следуваше изведбата на двете национални химни – на Австралија и Република Македонија.
Потоа, вниманието на присутните беше насочено кон
обраќањата на почесните гости, меѓу кои: пратеничката Касандра Фернандо,македонскиот вице конзул во Мелбурн Алија Алиевски и претставниците на VSL – Лиза Еглезос и Сарино Принзи.
Секој од нив им посака успех на матурантите и ја истакна важноста на изучувањето на мајчиниот јазик во мултикултурното општество во кое растат.
Највпечатлив момент од вечерта беше инспиративниот говор на претседателката на Македонското Учителско Друштво на Викторија, г-ѓа Јованка Смилевска, која истакна дека матурирањето по македонски јазик е повеќе од формалност – тоа е чин на идентитет, припадност и љубов кон корените.
„Денес сме собрани да одбележиме еден навистина значаен настан — матурирањето по македонски јазик на нашите драги ученици. Во денешниот глобален свет, способноста да се зборуваат повеќе јазици е многу важна — и за личниот, и за професионалниот развој,“ истакна Смилевска во својот говор.
Таа упати и сериозна порака до заедницата:
„Алармантно е што заинтересираноста за изучување на јазикот се намалува, создавајќи реална опасност — ако не делуваме заедно — постепено ќе го изгубиме јазикот во наставата,“ рече таа, повикувајќи ја заедницата да застане зад училиштата и наставниците.
Со искрена благодарност кон родителите и наставниците, таа додаде:
„Македонскиот јазик е срцето и темелот на нашиот идентитет… Само преку заеднички напори можеме да им овозможиме на идните генерации да изградат силен идентитет и да бидат горди на својата културна припадност.“
На крајот, претседателката им порача на учениците:
„Нека македонскиот јазик продолжи да ве придружува — на универзитет, во вашата професионална иднина и во семејствата што ќе ги создадете.“
Централниот момент на вечерта беше доделувањето на дипломите, што го извршија наставничките Соња Енџекова Сопотска и Аница Савеска, секоја со голема гордост во очите додека им ги врачуваше дипломите на своите ученици.
По официјалниот дел следеа групни и индивидуални фотографии, а потоа гостите уживаа во прекрасните музички изведби на Тиана Степановски. Забавата продолжи со македонски песни и ора под водство на Ди-џеј Тоше.
Матурската вечер 2025 уште еднаш покажа дека македонската заедница во Викторија е силна, обединета и посветена на зачувување на јазикот, културата и традициите. Матурантите ја завршија оваа важна етапа исполнети со благодарност, надеж и гордост, испраќајќи силна порака дека македонскиот јазик ќе продолжи да живее преку нив.
На сите матуранти – честитки и среќа на патот што следи!
Повеќе инфо: https://www.facebook.com/share/p/1AXYa5Sqb6/?mibextid=wwXIfr






