41
На 26 јули во Охрид свечено беше отворена 17. по ред Летна школа за учење македонски јазик – 2025, во организација на Агенцијата за иселеништво. На Школата годинава присуствуваат 41 дете од 10 држави ширум светот, со цел, преку мајчиниот јазик, да се доближат до корените и да ги зацврстат врските со татковината.
На свеченото отворање на учесниците на Летната школа им се обратија директорот на Агенцијата за иселеништво, г. Горан Ангелов, директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик и литература, проф. д-р Кристина Николовска, и трите учителки на Школата: Сашка Соломоновска Јаневска, Маја Јовановски и Розита Закева, кои предаваат македонски јазик во Хрватска и Малта.
Школата за отворена ја прогласи Искра Тројачанец Најденовска, одговорна за одржување на Летната школа за учење македонски јазик. Покрај часовите, учениците ќе имаат можност да ги посетат културните и историски знаменитости на Охридскиот Регион и да се капат во бистрите води на Охридското Езеро.
Летната школа е проект на Агенцијата за иселеништво како дел од Програмата на Владата за одбележување на 80 години од кодификацијата на македонскиот современ јазик.