40
Во организација на Македонски национален совет, Швајцарија, денес во Тринген, Швајцарија се одржа Голема конференција на сите македонски здруженија кои се активни во Швајцарската конфедерација.
На конференцијата учествуваа повеќе од 130 претставници од 40 здруженија, клубови, асоцијации, македонски училишта, како и трите македонски православни општини во Швајцарија.
На конференцијата присуствуваше директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, и Билјана Костова, раководител на сектор за одржување и унапредување на врските со иселениците. Од Министерство за надворешни работи присуствуваа Боро Мирчески, началник за дијаспора при МНР, и Мелехат Муфтароска од наведениот сектор.
Конференцијата беше одржана со цел поцврсто обединување на швајцарската дијаспора во едно претставничко тело (Македонски национален совет), за можностите за соработка помеѓу здруженијата, предлози за реализирање на заеднички проекти, договарање на годишна агенда на настани, основање Солидарен фонд за Македонија, решавање на проблемот со Македонската амбасада во Берн и петицијата иницирана од МНС, поголема соработка со македонските и со швајцарските институции.
По презентацијата на Статутот од страна на раководството: Илчо Китанов, Гонца Перунковска и Гордана Ѓуриќ, беа повикани претставниците на друштвата да ги изнесат своите проблеми, потреби и да дадат свои предлози и стратегии за продлабочување на соработката.
Директорот Горан Ангелов со свое активно учество одговараше на прашања во рамки на надлежностите на Агенцијата за иселеништво и даде силна поддршка на обединувањето на сите друштва во еден единствен Совет истакнувајќи ги придобивките притоа, од страна на македонските и швајцарските власти.
Во знак на благодарност за поканата за учество на овој историски настан, директорот Ангелов подари плакета, со надеж за идна соработка.
Директорот Ангелов и раководителот на сектор Костова присуствуваа на утринската литургија во Македонската православна црква „Св. Наум Охридски“ во Тринген, каде остварија средби со свештеникот, Управниот одбор и верниците присутни на литургијата.