11
Со голема чест и силни емоции, во Хилден се одржа Хуманитарен концерт за Кочани, на кој присуствуваа Македонци од Германија и од повеќе европски земји, обединети со една цел – солидарност и поддршка.
Вечерта беше исполнета со љубов кон татковината, заедништво и хуманост. На сцената настапија естрадни ѕвезди од Македонија, кои со своите изведби ја разгореа емоцијата и испратија силна порака дека кога сме сплотени – можеме сè.
Свое обраќање имаа директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, како и Конзулот Амон Бајрамовски, кои ја истакнаа важноста на единството, поддршката и активната улога на дијаспората во вакви значајни моменти.
Настанот беше во организација на МКЦ Македонско сонце Дизелдорф, кои уште еднаш покажаа дека се чувари на македонската култура во Германија.
Во рамките на програмата настапи и фолклорната секција при друштвото, која со традиционални ора и песни ја пренесе убавината на македонската култура и традиција.
Настанот во Македонија ќе биде пренесен од МРТ и ТВ Алфа кои го препознаа неговото значење и големина.
Хуманоста нè обедини, љубовта кон Македонија и својот народ покажа дека растојанијата не значат ништо кога срцата чукаат како едно.




