Во недела, на 25 мај, во македонската катедрална црква „Свети Кирил и Методиј“ во Розбери, Македонскиот просветно-училишен одбор за НЈВ организираше свеченост на која присуствуваа родителите и учениците кои го изучуваат македонскиот јазик во етничките и редовните основни училишта, како и во саботните средни училишта.
Одборот изразува голема благодарност до Црковната управа и до отец Наум Деспотовски што секоја година овозможува да се одржува оваа свечена академија во чест на сесловенските просветители, светите солунски браќа Кирил и Методиј.
На Академијата на заслужните учениците кои го изучуваат македонскиот јазик во Нов Јужен Велс им беа доделени признанија и награди. Специјални благодарници им беа врачени и на активисти, доброволци и пријатели на македонскиот јазик, кои го помагаат изучувањето на македонскиот јазик и донираат парични средства на Одборот, со што ја поткрепуваат работата на истиот.
На крајот од свеченоста, претседателката Дијана Јовчевска кажа пофални зборови за поранешната претседателка Жаклина Михајлова, која долги години е моторната сила на Одборот.
Повеќе прочитајте на линкот: ВО СИДНЕЈ: ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ БРАЌАТА СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ – Australian Macedonian Weekly & Today