Во просториите на библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид беше промовирана најновата книга на познатиот македонски писател и долгогодишен културен активист во Австралија, Иван Трпоски. Делото е посветено на неговата прерано почината мајка Љуба и претставува интимен и искрен аманет на авторот кон мајчинството и семејната жртва.
Промоцијата се одржа пред бројни роднини, пријатели и љубители на литературата, а за книгата зборуваа директорката на библиотеката, Христина Трпеска, м-р Милчо Јованоски и проф. д-р Виолета Ачкоска, која е и автор на воведот во делото.
Во своето обраќање Трпоски истакна дека е особено почестен што токму оваа книга се промовира во градот кој го смета за „најправославен и најмакедонски“ и во салата која го носи името на големиот преродбеник Григор Прличев.
„Мајчината желба да учам и да бидам видна личност во општеството не ја сфаќав во моето лудо детство, но нејзините молби и солзи ме следеа низ целиот живот. Дали успеав да бидам некој и нешто, тоа ќе го прочитате во книгата. Јас ја напишав и сам ја финансирав, но за нејзиното издавање заслужни се рецензентката и лекторка проф. д-р Ачкоска, уредникот Јован Димоски, печатницата „Ирис“ од Струга, преведувачот Ристо Стефов и мојата ќерка Билјана која помогна во редакцијата“, рече Трпоски.
Авторот упати посебна благодарност до сопругата Нада за нејзината поддршка и трпение, како и до неговите браќа Ангеле и Трпе кои со години му помагаат во Сиднеј. Со голема тага ја спомена и неодамнешната смрт на својот зет, Крсте Илинкоски, кој, како што рече, со љубов ја очекувал оваа промоција.
Новата книга на Трпоски е издадена од Литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, кое веќе 47 години е активен промотор на македонскиот јазик и култура во Австралија.
Агенцијата за иселеништво ја поздравува оваа значајна културна активност и ја истакнува големата улога на Иван Трпоски како еден од најистакнатите промотори на македонската литература и јазик во дијаспората.
Следната промоција на книгата е најавена да се одржи наскоро во Сиднеј, каде што авторот живее и твори.