Љубителите на традиционалната македонска кујна и слатките задоволства подготвени со љубов имаат причина повеќе да го посетат Македонскиот центар во Џилонг во понеделник, на 7 јули, во 18:30 часот. Под мотото „Традиција што се вкусува“, ќе се одржи демонстрација на подготовка на прочуениот десерт Маџарица, предводена од реномираната кулинарка Кате Петровски.
Настанот, организиран со цел зачувување и промовирање на македонската гастрономска традиција, ќе биде отворен за сите заинтересирани посетители за симболичен влез од само една златна монета за донација.
Кате Петровски, добропозната во заедницата по својата посветеност и мајсторство во готвењето, ќе открие дел од тајните зад подготовката на Маџарица, слоевита торта со тенки кори и богато чоколадно полнење, со сјајна глазура. Овој десерт е често присутен на семејните слави и носи носталгија.
„Повикајте ги семејството, пријателите – вратата е отворена за сите! Заедно да ја зачуваме македонската културна ризница преку вкусовите што ги обединуваат генерациите“, порачуваат организаторите.