Друштвото на ликовни уметници на Македонија ја организира изложбата „Цртеж, Експриментален цртеж“ секоја година како дел од официјалната годишна програма. Изложбата оваа 2024 г. се органзира по осмипат, што го покажува постојаниот интерес на современите уметници за изразување во ова специфично ликовно подрачје.
Изложбата во Македонија оваа година се реализираше во куќата на доајенот на македонската ликовна уметност, сликарот Борко Лазески. ДЛУМ дополнително ја воведе и темата – можност за осврт кон делото на Борко Лазески со идеја да се поттикнат современите автори за истражување и создавање на сопствени дела во релација со цртежите, но не и делото на еден од основоположниците на македонската ликовна уметност. Тоа беше уникатна можност за синергија помеѓу авторите и просторот во кој творел и живеел нашиот великан Борко Лазески чие творештво останува да инспирира и поттикнува.
Оваа година, на 7 ноември, ДЛУМ ја отвара изложбата „Експериментален цртеж“ во Венеција, во галеријата „Кунст Депот“, каде ќе трае до 17.11.2024 година. Ова претставување е значајно како за ДЛУМ, така и за можноста да го претставиме ресентното творештво на нашите членови на ДЛУМ на меѓународна сцена. На изложбата се претставени четириесетина цртежи изработени во повеќе цртачки техники.
Благодарност до Љупка Делева, членка на ДЛУМ, ликовна уметница која живее и работи во Венеција за нејзиниот ангажман да се реализира оваа изложба во Галеријата во Венеција.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам на Р. С. Македонија.