Home » Тринаесетти Македонски фестивал во Мелбурн: Ден на единство, култура и гордост

Тринаесетти Македонски фестивал во Мелбурн: Ден на единство, култура и гордост

by Stanela S
6 views

Македонската заедница во Австралија уште еднаш го потврди својот дух, сплотеност и традиција на 16 ноември 2025 година, кога по тринаесетти пат се одржа познатиот Македонски фестивал во организација на МАСО (Македонско-Австралиска Организација на Заедницата).

Под водство на претседателката Лидија Нешковски, годинашната манифестација се реализираше во просториите на македонскиот клуб Sydenham Park Soccer Club, локација што се покажа како идеален избор и одличен домаќин за целодневната прослава исполнета со традиција, вкусна храна и препознатлив македонски културен дух.

Разиграна програма која ги сплоти генерациите

Водителите Кристијан Станојоски и Клеопатра Блажевска ѝ додадоа на програмата природна леснотија и шарм. Младите таленти Петар Дамчески и Тиана Степановска внесеа свеж дух и охрабрувачка надеж за идните културни генерации, додека музичарите Новица Василевски и „Ројал бенд“ ја одржуваа атмосферата на високо ниво.

Фестивалот понуди динамична и богата уметничка програма. Културно-уметничките друштва „Јане Сандански“, „Гоце Делчев“ и „Светлост“ им ја пренесоа на присутните магијата на македонското оро, песна и традиционални носии. Од најмладите играорци до искусните сениори, секој настап беше потсетник на заедничките корени и наследството што со децении се негува во дијаспората.

Штандови што ја раскажуваа приказната на Македонците во Австралија

Фестивалската понуда во црвено-жолти тонови беше богата и разновидна, традиционални јадења, сувенири, рачни изработки, литература и промотивни материјали. Особено внимание привлече штандот на Македонското учителско друштво на Викторија, кое презентираше учебници и литература на македонски јазик, како значаен придонес кон зачувување на јазикот меѓу помладите генерации.

Своја силна улога имаа и штандовите на:

  • Пензионерската организација „Димче Могилчето“,
  • МОЈА – Македонска православна младина од Австралија,
  • „Наша Македонија“,
  • КУД „Јане Сандански“,
  • „Svetlana’s Events and Cakes“, со изложени производи и книгата „Летот на мојата гулабица“, која пренесува силна порака за подигање на свеста за ракот на грлото на матката.
  • како и „Штит“ и уметницата Марина Блажевска со рачно изработени уникати.

Поддршка од политичката заедница

Настанот го збогати и присуството на повеќе политички претставници кои долги години стојат зад македонската заедница во Австралија.

Меѓу нив беа:

  • Натали Сулејман, министерка и долгогодишна поддржувачка на македонските културни иницијативи,
  • Касандра Фернандо, членка на Федералниот Парламент, позната по својата силна заложба за македонската заедница и правата на мигрантите,
  • Алис Џордан-Бeрд, која со посебна почит ја поддржува македонската традиција и култура.Нивното присуство уште еднаш ја потврди клучната улога на македонската дијаспора во мултикултурниот мозаик на Австралија.

    Културни гости што внесеа дополнителна магија

    Големо изненадување приреди романскиот пејач со македонско потекло Ѓоргита Ротару, кој ја освои публиката со македонски песни. Фолклорната група „Бенџо Академи“ го збогати фестивалот со уште една традиција што природно се вклопи во мултикултурната заедница.

    Ден исполнет со гордост, традиција и иднина

    И оваа година фестивалот потврди дека македонската традиција во Австралија е силна и дека не само што се негува, туку со гордост и љубов се пренесува на младите. Ден исполнет со звукот на тапанот, мирисот на традиционалната кујна и боите на македонските носии остави силен впечаток, традицијата и иднината навистина можат да чекорат заедно, во истиот ритам.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2025 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе