Home » Македонец носител на олимпискиот оган во Италија – историски момент на гордост за заедницата и татковината

Македонец носител на олимпискиот оган во Италија – историски момент на гордост за заедницата и татковината

by Stanela S
11 views
Македонец носител на олимпискиот оган во Италија – историски момент на гордост за заедницата и татковината
Македонецот Марјан Атанасов синоќа испиша историја носејќи го олимпискиот оган при неговото свечено пристигнување во Пјаченца, Италија – настан што претставува исклучителна чест, но и силен симбол на признание за македонската заедница која со децении живее, работи и придонесува во италијанското општество.
Носењето на олимпискиот факел не е само протоколарна улога, туку висока почест што ѝ се доделува на поединци препознаени по својата посветеност, интегритет, волонтерска работа и општествен ангажман.
За Марјан Атанасов, овој момент беше длабоко емотивен и незаборавен – симбол на доверба и одговорност, но и лична и колективна победа.
Овој чин силно потврдува дека Македонците во Италија се активен, вреден и почитуван дел од заедницата, луѓе кои градат мостови меѓу културите и со својот труд придонесуваат за заеднички напредок.
Олимписките игри Милано – Кортина, уште пред нивниот официјален почеток, испраќаат моќна порака за единство, солидарност и вклученост. А учеството на еден Македонец во оваа симболична олимписка патека ја прави таа порака уште посилна и повидлива.
Во изјава за италијанските медиуми, Марјан истакна дека во Пјаченца живее веќе 28 години, град кој го прифатил како свој и во кој, како што вели, се заљубил уште од првиот ден.
„Пристигнав во Пјаченца во 1998 година и никогаш не си заминав. Овој град стана мој дом. Фактот што бев избран да бидам еден од носителите на олимпискиот факел е нешто што сè уште тешко го прифаќам – тоа е огромна чест“, изјави Атанасов.
Тој нагласува дека изборот од страна на светската спортска организација за него претставува и признание за неговата долгогодишна волонтерска работа, особено преку членството во организацијата „Авис“, каде активно учествува со години.
„Верувам дека ја зедоа предвид мојата секојдневна посветеност во волонтерството. Спортот и волонтерството ги носат истите вредности, солидарност, посветеност и човечност, и токму со тие вредности се идентификувам откако сум во Пјаченца“, вели Марјан Атанасов.
Со гордост истакнувајќи го своето македонско потекло, Марјан додава дека моментот кога ќе го држи олимпискиот факел во рацете е дел од колективна приказна што создава емоции и го осветлува патот кон една од најважните светски спортски церемонии.
„Тоа е нешто уникатно. Претставува цела нација и речиси сигурно нема да ми се случи вторпат во животот“, вели Атанасов.
Неговата олимписка приказна, сепак, тука не завршува. Како љубител на спортот, тој најавува дека со големо задоволство ќе ги следи и самите Олимписки игри, а поради честите работни патувања во регионот на Милано, ќе се обиде одблизу да присуствува на дел од натпреварите.
Со гордо кренат олимписки оган, Марјан Атанасов покажа дека македонскиот дух, труд и достоинство се препознаваат и ценат далеку од дома – момент што ќе остане запаметен како инспирација за идните генерации и како доказ дека успехот и човечките вредности немаат граници.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2026 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво
error: Content is protected !!

Почитувани, заради подобро корисничко искуство, Агенцијата за иселеништво користи „колачиња“ ("cookies"). Се согласувам Прочитај повеќе