Посета на директорот на Агенцијата за иселеништво на Романија по повод Денот на македонскиот јазик 8-ми Декември

0
81

Друштвото на Македонците во Република Романија Денот на македонскиот јазик 8 -ми Декември го одбележа преку културни манифестации и посети на историски знаменитости. 

На иницијатива на пратеничката Маријана Венера Попеску во 2018 година, се донесе законот за чествување на денот на Св. Климент Охридски, како „Ден на македонскиот јазик во Романија“ на 8 -ми Декември.

Во Националниот музеј на романската книжевност во Букурешт се одржа манифестација „Романски поети на македонски јазик“ а во вечерните часови во седиштето на Друштвото на Македонците во Романија во присуство на голем број членови на друштвото и претставниците од Агенцијата за иселеништво, празникот се одбележа со поздравни говори и обраќања од страна на претседателката Лаура Елене Рогобете, членот Марјан Михајлов кои говореа за значењето на чувањето и негувањето на македонскиот јазик и нивната заложба преку проекти да се изучува истиот во рамки на училиштето по македонски јазик во друштвото. 

 Директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски,  во своето обраќање се заблагодари за поканата за присуство на овој свечен и значаен настан, ги информира присутните за активностите кои ги реализира Агенцијата за иселеништво и ги повика и понатаму да земат активно учество на истите како и до сега. На присутните им беше поделен рекламен материјал од Агенцијата за иселеништво. 

Во Крајова Денот на Македонскиот јазик се одбележа преку промоцијата на книгата: „Македонците низ историјата на Романија“ од Анџи Меланиа Кристеа, во салата на градската библиотека на Крајова „Александру и Аристиа Аман“. На настанот се обратија поранешната пратеничка Венера Мариана Попеску, Лура Елен Рогобете, наставничката по македонски јазик Елена Прволеску и гостите д-р Дан Јонес од Романската филолошка академија и г-ѓа Родица Родугу, социолог.

Директорот Близнаковски ја поздрави многубројната публика, членови и гости, им го честита големиот празник Св.Климент Охридски и ја поздрави иницијативата на тогашната пратеничка Венера Мариана Попеску, за 8-ми Декември да се одбележува како „Ден на македонскиот јазик“ со закон. Се заблагодари за поканата и честа претставниците од Агенцијата за иселеништво да бидат дел од прославата.

Во вечерните часови се одржа „Вечер на македонската кујна“ каде жените од Друштвото на Македонците во Романија се претставија со домашно – подготвени македонски традиционални специјалитети. Вечерта беше збогатена со фолклорен настап со песни и ора од страна на „КУД СОНЦЕ“ од Крајова.

Во Крајова, директорот Близнаковски, на покана од страна на префектот Венера Мариана Попеску, која од страна на Владата на Романија е номинирана за областа Долж, оствари средба во канцеларијата на општинската зграда на Крајова. На средбата г-ѓа Попеску која е со македонско потекло, информира за карактерот на нејзината работа како Владин претставник кој се грижи за менаџирање на активностите на соодветни институции во областа Долж, во состојби на кризи.

Директорот Близнаковски се заблагодари за приемот и и подари  рекламен материјал од Агенцијата за иселеништво за членовите на Друштвото на Македонците во Романија.