Збогум Јагода Цветичанин (1948-2022)

0
83

На 27 ноември 2022 година, ненадејно, по куса борба со последиците од операцијата на срцето во осиечкиот Клинички болнички центар, во 74 година од животот засекогаш нѐ напушти долгогодишната членка на Заедницата на Македонците во Република Хрватска и една од основачите и претседателка на МКД „Браќа Миладиновци“ во два мандати, проф. Јагода Цветичанин, родена Тренеска.

Неуморна, сестрана, весела, секогаш расположена за песна и дружење, Јагода беше долги години главниот мотор на МКД „Браќа Миладиновци“. Визионерски отворена, таа беше еден од иницијаторите и главен организатор на поетските поврзувања на Осиек со Струшките вечери на поезијата – наградата „Браќа Миладиновци“, но и на бројни други настани (уметнички изложби, книжевни трибини и научни тркалезни маси, филмски проекции, театарски претстави и сл.), кои ја промовираа македонската уметност, јазик и култура во Хрватска и пошироко.

Родена е во Скопје на 25 март 1948 година. Дипломирала клавир во Скопје 1972 година на Факултетот за музички уметности, во класата на проф. Владимир Крпан од Загреб. Целиот свој работен век го помина како професорка по клавир, најнапред во Скопје, во средното училиште (1972-1978), а потоа и на Факултетот по музички уметности (1978-1988), а од 1989 година во Осиек, каде прво предаваше на Педагошкиот факултет, па потоа и на Филозофскиот факултет во Осиек, за од 2003 година да премине на осиечката Уметничка академија.

Беше многу музички активна, а во 1982 година ја доби дипломата која и беше многу драга: беше прогласена за најдобра клавирска соработничка на конкурсот Петар Илич Чајковски во Москва во избор на 22 судии! Беше членка на бројни жирија за клавир и коморни состави во Македонија и во Хрватска.

Но, Јагода беше и неуморен промотор на македонскиот јазик и идентитет во Хрватска. Во 1994 година, таа беше еден од основачите и прва потпретседателка, а потоа и претседателка на МКД „Браќа Миладиновци“ во два мандати (2004-2008 и 2008-2012). Беше потпретседателка на ЗМРХ (2008-2012) и членка на Редакцискиот одбор на списанието „Македонски глас“ (2006-2012). Како претставничка на македонското национално малцинство за Град Осиек во два мандати (2015-2023) беше иницијатор за одбележувањето на Денот на националните малцинства на 9 мај, а ја започна и наставата по македонски јазик во ОУ „Вијенац“ во 2008 година. Дури едно полугодие беше и заменска учителка по македонски јазик!

Беше водителка на пејачката секција „Вардарки“ во повеќе наврати и сé до својата прерана смрт – со своите „Вардарки“ неуморно вежбаше, патуваше и настапуваше. Во 2015 година реши да се впушти и во пишувачките води, па го создаде документаријот „Македонски бои во славонската рамница“, книга во која ги забележа активностите на МКД „Браќа Миладиновци“ (1995-2015) „за да се паметат, да остане пишана трага дека сме биле мост на поврзување на нашите две татковини“.

И тоа беше она што најмногу ја красеше: таа беше голем човек со љубов за Македонија и Хрватска, правдољубива и несебична, отворена, срдечна, топла и искрена. Беше врвна музичарка, вљубена во Шопен, но и во руските композитори, како и неуморна активистка за промоција на Македонија и борец за зачувување на македонскиот јазик. Не се штедеше себеси и секогаш и во сé се вложуваше до максимум. А тоа го очекуваше и од другите.

Јагода беше сопруга на оперскиот пејач Слободан Цветичанин и мајка на виолинистот Кирил Наумов, како и на музичката теоретичарка Деница Наумова.

Ќе ни недостасуваш многу! Нека ти е мирно музичкото море на небесата, драга Јагода!