Средба со Македонското Културно Друштво „Св.Кирил и Методиј Трентино“

0
166

На 22 ноември 2022 година,  директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски,  во придружба на претставници од Агенцијата за иселеништво и Генералниот Конзул во Венеција, Стојан Витанов, остварија средби со раководството и членството на Македонското културно друштво Св.Кирил и Методиј“ Трентино.

Согласно агендата подготвена од претседателот на друштвото Венко Трпески, директорот Близнаковски и Конзулот Витанов ја посетија Градската библиотека во Тионе каде неодамна се отвори „Македонско катче“ во соработка со библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид.

Директорката на библиотеката, Радоани Тереза, ја истакна важноста на постоење на Македонско катче во библиотеката во Тионе бидејќи македонската заедница во овој дел е многубројна и убаво е да имаат свој дел каде ќе можат да го чуваат јазикот и културата. Од голема важност е и „Детското катче“ каде покрај литературата на македонски јазик ќе можат да користат и литература на италијански јазик и преку игра и работилници ќе се запознаат со историјата на Италија како нивна втора татковина. 

Директорот Близнаковски се заблагодари за срдечниот прием од страна на директорката на библиотеката и информира дека од страна на Агенцијата за иселеништво ќе биде испратена литература за возрасни, како и за најмалата генерација македончиња и тоа сликовници, лектири, едукативни игрици и слично. 

На средбата со Македонците од Тионе, директорот Близнаковски ги запозна присутните со проектните активности кои традиционално се реализираат и ги повика иселениците активно да учествуваат. Воедно беше презентирана и веб страната на Агенцијата за иселеништво на која можат да сретнат корисни информации и содржини од сите области како: култура, вести од иселеништво, информации од општините, правна и економска помош и друго.

Од страна на Конзулот Витанов, иселениците беа информирани за начинот и постапката за добивање на лични документи, за новоактивираните  телефонски линии со цел за поголема достапност на Конзулатот, за базната станица и за плановите околу дигитализација на сите услуги во иднина.

Г-дин Венко Трпески како претседател на друштвото се заблагодари за посета и истакна дека ова е прв пат Македонците од овој регион да бидат посетени од соодветни институвции. Тој информира дека во регионот Трентино Алто Адиџе има и во регионот околу Тионе живеат по 4 000 Македонци.

Иселениците на средбата се интересираа за наставата по македонски јазик, за отварање на авио- линијата Малпенса-Охрид, за намалена корупција при нивно доаѓање во матичната држава и за поголема екипираност и професионалност од страна на службите кои нудат шалтерски услуги.

На покана од страна на раководството на друштвото а во знак на добра соработка и целосна интегрираност на Македонците во тој регион, на средбата присуствуваа и г-дин Дуколи Феличе, раководител на најголемиот синдикат во Италија, Inca Cgil, и г-дин Салватера Тициано, доцент на катедрата по економија и менаџмент во Тренто. И двајцата имаа свое обраќање и презентација секој од својата област, за што директорот Близнаковски и Конзулот Витанов им се заблагодарија за соработката и поддршката на  македонската заедница, за  вниманието и интересот да бидат дел од средбата.

Директорот Близнаковски му подари на друштвото Св.Кирил и Методиј Трентино благодарница за долгогодишна соработка и информира дека за сите барања истакнати на состанокот ќе бидат информирани надлежните органи.