На годишната завршна приредба учениците кои го изучуваат македонскиот јазик во училиштето во Килор Даунс се претставија со пригодна програма и имаа можност да покажат што научиле во текот на учебната година. Учениците од приредбата порачаа: “Македонскиот јазик е нашата душа”.
Учениците кои го изучуваат македонскиот јазик во саботното Викториско училиште во Килор Даунс од забавиште до 12-та година ја одржаа својата годишна приредба.
На завршната приредба учениците се претставија со рецитации, мали драмски претстави, занимливости и историски факти за Македонија, а не ги заборавија ниту македонските песни и ора.
Подготвени од своите учителки Сања, Марија, Анета, Сара, Гордана и Весна, учениците имаа можност да покажат но и потврдат дека со успех го совладуваат не само македонскиот јазик туку и македонската култура и традиција.
И оваа генерација ученици потврди дека го одржува даденото ветување дека ќе го негуваат но и пренесуваат македонскиот јазик на идните генерации како “најзначајна вредност на нашите корени и постоење”.
Во овој подкаст во аудио записот можете да слушнете пооширно за овој настан а во видео записите ви доловуваме дел од настапите на учениците.