МКД „Свети Кирил и Методиј“ од Пула го прослави 12-от роденден

0
215

Македонското друштво „Свети Кирил и Методиј“ го прослави својот 12-ти роденден во Социјалниот центар Ројц. Тоа е друштво кое собира претежно Македонци кои живеат и работат во Пула, но и во цела Истра.

На самиот почеток на свеченоста, претседателката на здружението Милена Златеска ги запозна поканетите гости со работата на друштвото и им се заблагодари на сите кои во изминатите години на  било кој начин му помогнале на друштвото. На свеченоста присуствуваа амбасадорот на Северна Македонија во Хрватска, Милаим Фетаи и ополномоштената министерка во Амбасадата, Маја Апостоловска Балабурски. Главен настан на свеченоста беше отворањето на изложбата на Наталија Лековска, уметница родена во Крива Паланка, која петнаесет години живее во Истра. По Загреб, Задар и Риека, ова е нејзина четврта самостојна изложба, која беше придружена со најава на нејзиниот промотор, поетесата Жељка Фоновиќ.

– Би сакала да ја искористам оваа прилика и да се заблагодарам на Милена Златеска и на Друштвото „Свети Кирил и Методиј“ што ме поканија како гостин. Посебно ме трогна пораката на моите драги колеги од сите македонски училишта во Хрватска, рече Лековска.

Сликите се изработени во техниките акрилик, темпера и пастел. Кога почнала да изложува, вели, примарна цел и била да ги изложува своите дела во сите македонски друштва во Хрватска.

– Полека но сигурно се движам кон таа цел. Додека се подготвував за оваа изложба, решив да ја наречам „Живот“ бидејќи тие слики и таа различност во моите дела покажуваат што сакам и со што сум опкружена. Изложени се триесетина слики создадени во техниките на акрил на платно, темпера и сув пастел. Изложбата ќе биде отворена во наредните триесет дена, затоа ги поканувам пулчани да дојдат на Ројац и да ја погледнат, рече Лековска. Роденденот на друштвото го прославија членовите на КУД „Уљаник“ и хорот на МКД „Свети Кирил и Методиј“ кои испеаја и отсвиреа неколку познати македонски композиции. Настапија и поети кои рецитираа на македонски и хрватски јазик, како и на чакавскиот дијалект.