Македонија има нов шампион во мото спортот. Мотоциклистот Синиша Кочоски го забележа својот најголем успех во кариерата и стана шампион во БМУ Европскиот шампионат, во категоријата ф1000.
Македонецот имаше сезона како од бајките на патеките ширум регионот, која беше крунисана со ново прво место во „Серес“, Грција. Без разлика на притисокот и влогот што го носеше финалето во Грција, македонскиот мотоциклист остана смирен, врочем каков што беше и цела сезона и уште еднаш ја докажа својата доминација и заслужено се радува на големиот успех.
„Фантастична сезона, историска . Како кај секој човек со натпреварувачки дух, желбата да се биде прв е неизбежна, така и кај мене, сонував за ваков момент. Мотивот е уште поголем кога ја имаш честа да ја претставуваш нашата Македонија. Длабоко во себе верував дека можам да го достигнам врвот во овој шампионат. Се разбира дека патот до тоа не беше лесен со оглед на временскиот период помеѓу моите почетоци и овој успех. Сезоната беше многу напорна, конкуренцијата силна, проблемите секојдневие, но чувствував дека оваа сезона е моја и на најдобар можен начин го искористив тоа и стигнав до посакуваниот трофеј во најсилната конкуренција на БМУ Европскиот шампионат. Задоволем сум од постигнатите резултати, но воедно и свесен дека без големата поддршка од моите најблиски ,немаше да бидам на местото каде што сум сега. Ви благодарам победата е заедничка“, рече Кочоски.
Кочоски историската сезона во БМУ Европскиот шампионат ја заврши со четири победи и уште седум подиуми.