Централниот совет на Македонците во Германија го честита 11 Октомври

0
56

Централниот совет на Македонците во Германија на сите граѓани на Македонија и на Македонците ширум светот им го честита државниот празник 11 октомври, Денот на народното востание на македонскиот народ.

На овој ден пред точно 81 години, македонскиот народ се крена на вооружено востание против фашистичкиот окупатор, востание со кое отпочна сенародната борба за слободна Македонија. Со својата вооружена борба, македонските борци дадоа голем придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.

Празникот 11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото (1689 г.), Разловечкото (1876 г.), во Кресненско-македонското (1878 г.) и во Илинденското востание (1903 г.) , но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција Македонија застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.

Македонскиот народ заедно со припадниците на останатите народности самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највисок ранг како корпуси и дивизии. За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на Антифашистичкотo собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Денес, сите ние се стремиме кон полна слобода за Македонија, како вистински демократска и европска држава! Држава која ќе биде дом за секој граѓанин. За фер општество за сите. Само заедно можеме да го сочуваме аманетот од нашите предци, да си ја сочуваме државата, но и да создадеме подобра иднина за идните поколенија.

Нека ни е честит и вековит 11 октомври – Денот на народното востание против фашизмот!

Да живее Републиката, да живее Македонија!