Се одржаа „Денови на македонската поезија во Шведска“

0
104

Во мошне убава атмосфера вчера во Градската библиотека во Гетеборг се одржа традиционалната манифестација „Ден на македонската поезија во Шведска“. Учествуваа дваесетина учесници од разни литературни здруженија и од Писателскиот центар на западна Шведска, како и ученици од македонско потекло со музички и рецитаторски изведби од познати македонски писатели, а присутните ги поздрави македонската амбасадорка во Шведска, Мира Крајачиќ.

Гостин од Македонија беше познатиот македонски поет Борче Панов, кој е и уметнички координатор на Меѓународната книжевна манифестација „Караманови средби“ во Радовиш. Манифестацијата наиде на големо интересирање, а по поетското читање се одржа и годишно собрание на поетското друштво „Дениција“ со седиште во Гетеборг, при што за претседател на друштвото повторно е избран поетот Ивица Челиковиќ. Притоа беше констатирано дека постојат реални претпоставки оваа поетска манифестација, која е единствена од таков вид што се одржува секоја година во редовите на македонската дијаспора во Европа, да се зголемува по обем и содржина, а за што би било неопходно во наредниот период да се обезбедат и поголеми буџетски средства, како од страна на шведски институции, така и од македонски извори. Во таа насока ќе бидат направени напори македонскиот поетски фестивал во Шведска, кој наскоро ќе наближи до одбележување на својот 35-годишен јубилеј, да добие редовна програмска поддршка од Министерството за култура на РСМ.