СО КОНЦЕРТ НА „МЕМОРИЈА“ ЗАВРШУВА 14 ИЗДАНИЕ НА БИТОЛСКОТО КУЛТУРНО ЛЕТО

0
29

Со концерт на групата „Меморија“, во сабота со почеток од 19.30 часот на Ракометното игралиште, официјално ќе биде затворено 14 издание на битолското културно лето БИТ ФЕСТ. Затворањето на фестивалот беше предвидено за 31 август, но поради лошите временски услови, последниот настан од културното лето оваа година е одложен за 3 септември.

Во изминатите два и пол месеци, многубројната публика имаше можност да проследи голем број концерти на класична, поп, рок, џез музика, театарски претстави, ликовни изложби, уметнички перформанси, фестивали и други настани низ кои се промовираше културното наследство, традицијата и народниот мелос.

За време на сите фестивалски денови, Битола ја посетија уметници и културни работници од Македонија, но и од голем број други земји, меѓу кои: Израел, Полска, Чешка, Швајцарија, Турција, Шпанија, Италија, Колумбија, САД, Србија, Полска, Црна Гора, Албанија, Франција…

Битола ова лето, благодарение на богатата културна понуда, одбележа голема посетеност, за што дополнителна потврда се импресиите на публиката, која изведувачите ги наградуваше со силни аплаузи.

Во функција на културните случувања за првпат годинава беа ставени и Офицерскиот дом и Киното Манаки, раководени од Културно информативниот центар, како партнер на општина Битола во реализацијата на програмата на БИТ ФЕСТ.