„Лето во кое те нема” – краткиот роман на авторот Петар Андоновски ја доби наградата PEN Translates awards. Ова е прв пат Англискиот ПЕН да награди автор од Македонија. Во превод на Кристина Крамер книгата ќе биде објавена на англиски јазик во издание на Parthian books, издавачка куќа која застана и зад англискиот превод на „Страв од варвари“ на Андоновски.
PEN Translates awards годинава награди рекордни 21 наслов на автори од 19 држави и 18 јазици. Во нивното соопштение велат дека го наградиле првиот ЛГБТ македонски роман.
Избраните книги се врз основа на извонредниот литературен квалитет, силината на издавачкит проект и нивниот придонес кон разновидноста на книжевноста на Обединетото Кралство.
Петар Андоновски е роден 1987 во Куманово. Студирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Автор е на книгите „Ментален простор” (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли” (роман, 2013). Неговиот роман „Очи со боја на чевли” беше во најтесен избор за Роман на годината на „Утрински весник“. Застапен е во антологијата „Нов македонски хаику бран“ (СВП, 2011).
За романот ,,Телото во кое треба да се живее” ја има добиено ,,Роман на годината” на Утрински весник во 2016 г., а за романот ,,Страв од варвари” ја доби ,,Европската награда за литература” во 2020 година.
Извор: umno.mk