11то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ во Битола

0
158

Почитувани,

Оваа година од 03.08.2022 до 07.08.2022 година во Битола ќе се случи 11то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Оваа година под мотото „Per astera ad astra“ (Патот до ѕвездите е трнлив) фестивалот за прв пат ќе се одржи во еден нов формат односно претставите ќе се одиграат под отворено небо, на две сцени, на платото на Офицерски дом, дел од „Културен и информативен центар“ во Битола. Фестивалот е во организација на „Бабец театар“ а од оваа година, после 10 успешно реализирани изданија, стана дел од Годишната програма за култура на Општина Битола и ќе биде дел од програмата на Битфест 2022. ИДТФ „Битолино“ финансиски е поддржан од нашиот традиционален и официјален партнер Комерцијална банка АД Скопје. Фестивалот е спонзориран од БВ бизнис групацијата, Јавното претпријатие Комуналец Битола, Јавното комунално претпријатие Водовод, Израелската амбасада на Израел во Република Хрватска а потпомогнат од Туристичките агенции Орбита и С-Травел од Битола. За успешна реализација на фестивалот со своите капацитети помогнаа Културен и информативен центар и Центарот за култура во Битола. Медиумски покровител на Фестивалот е сајтот Cultural chat. Логистичка поддршка за фестивалот добивме од Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР.

„Бабец театар“ и покрај економската и здравствената криза ќе продолжи да создава театарски претстави кои пред се ќе бидат достојни за презентација пред нашата публика, претстави кои ќе допрат до секое дете и претстави кои засекогаш ќе останат сеќавањата на децата. Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот тука првенствено мислам на нашите актери од Театарската школа „Бабец“ и на сите деца кои уживаат гледајќи ги нашите претстави. Брендот „Бабец театар“ кој 12 години успеа да опстане како професионален детски театар со 20 премиери и над 45.000 продадени влезници и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката (11.500) имаше можност да погледне 64 претстави од 34 театари кои во Битола допатуваа од 24 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и ќе направиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата. Бабец театар оваа година доби и официјално дозвола и поддршка од Светската асоцијација на детски театри АССИТЕЖ за формирање на Национален центар „АССИТЕЖ Македонија“ со седиште во Битола. Веднаш по завршувањето на Битолино заедно со нашите колеги ширум Македонија ќе започнеме една нова мисија за создавање на услови за брз и квалитетен развој на театарот за деца. Свесни сме дека нема да биде лесно но наш единствен адут е квалитетот кој многупати сме го потврдиле, како што беше и на последното наше учество на детскиот фестивал Лименка театар фест, дел од престижната манифестација „Нови Сад европска престолнина на културата за 2022“, позитивните критики во српските медиуми и многуте понуди за соработка се најголемиот доказ за тоа. За тринаесеттата сезона Бабец театар ја најавува својата нова премиера со наслов „Принцот Сезнајко“ работена според истоимената приказна на Ендрју Ланг.

 

03.08 (среда), 04.08 (четврток) и 05.08 (петок)

Сцена 2 (плато Офицерски дом)

„ТЕАТАРСКА КУКЛЕНА РАБОТИЛНИЦА“

Марјан ГЕОРГИЕВСКИ

 

Оваа година Фестивалот започнува со театарска работилница за изработка на кукли од разни материјали под раководство на актерот Марјан Георгиевски со што ја продолжуваме традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и со театарски јазик ќе ги доближиме децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто. Театарската работилница за изработка на кукли ќе трае три дена односно ќе претставува еден експресно брз процес за создавање на куклена претстава во која куклите раководени од самите деца учесници на работилницата ќе оживеат на сцената во една кратка куклена претстава која ќе се одигра пред публиката на последниот ден од Фестивалот.

Покрај дружењето и развивањето на креативноста кај децата основната цел на оваа театарска работилница е што повеќе деца да успееме да ги заразиме со магијата на театарот и на тој начин да започнеме да создаваме нови театарски потковани генерации кои ќе бидат идната публика со високи театарски критериуми.

 

05.08 (петок) , со почеток во 19:30 часот

Сцена 2 (плато Офицерски дом)

„ТЕАТАРСКА ШКОЛА БАБЕЦ“ , МАКЕДОНИЈА

„ЈАС МАКЕДОНИЈА“

ментор: Јулијана МИРЧЕВСКА

 

Честа први да настапат на единаесеттото издание на ИДТФ Битолино ќе им припадне на децата од Театарската школа Бабец со претставата создадена по идеа на Јулијана Мирчевска со наслов „Јас Македонија“.

Во претставата се користени текстови од најпознатите македонски драми и поезија а костимите кои ги носат децата се оригинална македонска народна носија, целта на оваа претстава е преку театар да ги запознаеме генерациите што допрва доаѓаат со историјата на македонската драма и поезија, со традицијата и обичаите на македонскиот народ. Во претставата настапуваат 20 деца членови на театарската школа Бабец.

  

05.08 (петок) , со почеток во 20:30 часот

Сцена 1 (плато Офицерски дом)

МАЛ ТЕАТАР“ – Прилеп, МАКЕДОНИЈА

„УБАВИЦАТА И ЅВЕРОТ“

(детска театарска претстава – мјузикл)

 

                Честа да настапат на свеченото отворање на Фестивалот на кој очекуваме да се обрати и градоначалникот на Општина Битола Д-р Тони Коњановски им припадна на „Мал театар“ од Прилеп и нивната феноменална детска претстава работена според бајката „Убавицата и ѕверот“. Децата во Битола после неколку години пауза ќе имаат шанса да погледнат мјузикл на македонски јазик одигран од тројца одлични актери од прилепскиот театар. Класичната бајка за Убавицата и Ѕверот и нивната љубов преточена низ музиката и аранжманот на Томе Темелкоски ќе биде една од приказните на ова издание кое ќе остане во сеќавањето на децата од кои повеќето за прв пат ќе гледаат мјузикл кој се изведува во живо.

 

06.08.2022 (сабота) , со почеток во 11:00 часот

Сцена 2 (плато Офицерски дом)

BEER SHEVA CHILDREN AND YOUTH THEATER“ – ИЗРАЕЛ

„ДО МЕСЕЧИНАТА И НАЗАД“

(куклена претстава)

 

Вториот фестивалски ден ќе започне со нашите гости од Беер Шева од Израел со куклената претстава „До месечината и назад“. Театарот е формиран во 2016 година и e поддржан од Министерството за култура на Израел а се занимава со развојот на креативноста кај децата преку театар. Нивна мисија е да ја шират позитивната енергија и да ја пренесуваат креативноста и имагинацијата на децата од целиот свет. Претставата се игра на универзалниот јазик Џибриш и е збогатена со многу кукли и музика. Главниот лик во претставата Малиот човек поминува низа перипетии на својот пат до месечината и назад и успева да се избори со сé, всушност и пораката на претставата наменета за децата е дека треба да имаат големи соништа и никогаш да не се откажуваат од нив и верувајќи дека можат да ги остварат ја зголемуваат шансата еден ден навистина да им се остварат.

 

06.08.2022 (сабота) , со почеток во 19:30 часот

Сцена 2 (плато Офицерски дом)

„ТЕАТАРСКА ШКОЛА БАБЕЦ“ , МАКЕДОНИЈА

„СОНУВАЧИ“

ментор: Јулијана МИРЧЕВСКА

 

Втората претстава на на вториот фестивалски ден на ИДТФ Битолино е претставата за деца „Сонувачи“ а ќе ја изведат децата од Театарската школа „Бабец“ под менторство на Јулијана Мирчевска. На платото на Офицерски дом малите актери ќе одиграат пет светски познати бајки кои ги поврзува и создава „нејзиното величество перницата“. Користејќи многу хумор и покажувајќи десетици начини како еден предмет, перницата, може да има многу форми и значења, со беспрекорната точност и професионализам дефинитивно претставата ќе ги освои срцата на публиката. Од многу наивни моменти кои ги содржат детските бајки напишани од Х.К.Андерсен, Перо, браќата Грим менторот Јулијана Мирчевска успеа создава една силна драматуршка целина преминувајќи од една во друга бајка без притоа публиката да има чуство дека станува збор за различни приказни, со помош на 20 перници децата ќе создадат еден магичен свет, со 20 перници ќе создадат 5 различни сценографии и безброј различни реквизити. Со претставата „Сонувачи“ Фестивалот ќе им понуди на публиката да погледнат еден одличен проект за развивање на креативноста кај децата и за важноста на фантазијата при градењето на една комплетна личност.

 

06.08.2022 (сабота) , со почеток во 20:30 часот

Сцена 1 (плато Офицерски дом)

UNIA THEATER NIEMOZLIWY AND DAVID ZUAZOLA“ – ПОЛСКА

„РОБОТ“

(куклена претстава)

 

Последна претстава за овој фестивалски ден ќе биде претставата „Робот“ направена по идеа на нашиот пријател и победник на третото издание на ИДТФ Битолино чилеанецот Давид Зуазола. Продукциски зад оваа претстава стои „Униа театар“ од Варшава, Полска. Давид Зуазола во последните десетина година е автор кој со своите претстави годишно настапува во просек на повеќе од 60тина фестивали ширум светот и со сигурност е еден од најнаградуваните актери во Европа. Зуазола создава еден систем на креирање на претстави карактеристичен само за него, со препознатлива естетика, кукли изработени од отпадни материјали и механика која ги движи елементите на сцената. За среќа на битолската публика и покрај исполнетиот распоред Зуазола одлучи да дојде во Битола и да ни го презентира неговиот најнов производ претставата „Робот“, да ни ја презентира неговата уметничка визија за светот во кој живееме кој многупати е нетолерантет и е свет кој често не е фер кон поединци. „Робот“ е претстава со длабоко уметничко чувство, приказна која се повторува низ вековите, во претставата е насликана нашата реалност во која живееме каде што луѓето се третираат како потрошен материјал.

 

07.08 (недела) , со почеток во 11:00 часот

Нова Сцена (Центар за култура)

„ТЕАТАРСКА ШКОЛА БАБЕЦ“ , МАКЕДОНИЈА

„ТАЖНАТА НУЛА“

ментор: Јулијана МИРЧЕВСКА

 

Пред почетокот на првата претстава за последниот фестивалски ден уште еднаш ќе настапат децата од Театарската школа Бабец со краткиот перформанс создаден по идеа и текст на Јулијана Мирчевска со наслов „Тажната Нула“… Мојата  приказна, вашата приказна,кои сме ние и зошто не секогаш сме таму каде што ни е местото но и фактот дека без ниту еден од нас целта не може да биде постигната, оваа приказна ќе биде пренесени низ играта на 7 деца од сите возрасти. Тие низ комични и лирични моменти ќе ни покажат дека иако малечки се свесни за светот во кој живееме и дека почитта едни меѓу други не прави само посилни а со тоа и помоќни да создаваме подобар свет.

 

07.08 (недела) , со почеток во 11:20 часот

Нова Сцена (Центар за култура)

ART SCHOOL JANA STURSY “ , ЧЕШКА

„ИСАДОРА“

(танцов театар)

          

На 11то издание на ИДТФ Битолино за прв пат ќе настапи група од Чешката Република, станува збор за Уметничкото училиште „Јана Штурсу“. Во овој проект уметничките раководители прават успешен обид да го спојат танцот и театарот во една магична приказна за танчерката Исадора Данкан, која се смета за икона на современиот танц и која своите движења ги црпи од природните појави а најспецифично е нејзиното брановидно движење. Преку инспиративната животна приказна на Данкан и нејзиниот успех и покрај бедата во која растела гостите од Чешка испраќаат една силна порака до децата да останат свои во многуте животни борби кои ги очекуваат во иднина. Претставата во која танцот и актерската игра имаа силна конекција, дополнета е со сценографски елементи и ефекти и многу малку зборови кои се заменети со телесна експресија. „Исадора“ очекуваме да биде едно ново и назаборавно доживување за младата публика во Битола.

 

07.08.2022 (недела) , со почеток во 19:30 часот

Сцена 1 (плато Офицерски дом)

DOMOVOI THEATRE COMPANY“ – ШВАЈЦАРИЈА

„КОЈ Е ТАМУ?“

(физички театар – кловн шоу)

                 На Фестивалот оваа година ќе настапи уште една голема ѕвезда од светот на физичкиот театар, специјалност кловнијада, Игор Мамленков, кој своето образование го стекнал на неколку универзитети ви Русија, Данска, Шпанија и на крајот во Швајцарија се стекнува со титулата магистер за физички театар – кловн. Неговата претстава е спој на кловновско шоу, музика во живо и интеракција помеѓу осаменоста и фолклорот преточени во една лирична поема и авантура која се случува внатре во нас. Претставата е спој на интимноста која ја има секој од нас во домот и јавниот настап на еден кловн. Мамленков во својата претстава ќе ни раскаже за осаменоста и важноста на Домовој кој во рускиот фолклор е познат како „куќен дух“, заборавен од сопствениците кои одамна ја напуштиле куќата Домовој ќе мора сам да го врати духот на семејното огниште оживувајќи ги предметите околу себе. Забавувајќи се со сé наоколу Домовој ги очекува новите сопственици и затоа многупати низ претставата прашува Кој е таму?, нестрплив да ги запознае кога тие навистина доаѓаат светлото се гаси а ние остануваме со дилемата дали ова реално се случи или беше само сон.

 

07.08.2022 (недела) , со почеток во 20:30 часот

Сцена 2 (плато Офицерски дом)

CEMAL FATIH POLAT SHADOW THEATER“ – ТУРЦИЈА

„ШОУ НА СВЕТСКИТЕ ЅВЕЗДИ?“

(караѓоз – театар на сенки)

                 За крај на 11то издание на ИДТФ Битолино на наше големо задоволство ќе настапи Кемал Полат кој својата кариера ја посветил на традиционалниот турски театар на сенки – караѓоз. Запознавајќи ги децата низ цела Турција, но и надвор од границите на својата земја, со овој специфичен театар на сенки и самиот пробал истиот да го осовремени а на тој начин да го доближи до остатокот на светот. Неговото „Шоу на светските ѕвезди“ преку многу забава и музика а пред се поради атрактивноста на светските ѕвезди кои „ќе настапат“ во Битола како Елвис Присли, Лучиано Павароти, Чарли Чаплин и др. ќе ја натера публиката со задоволство да ја проследи програмата а со тоа и одблизу да ја почуствува магијата на театарот на сенки. Децата во Битола благодарение на Битолино ќе имаат шанса по трет пат да погледнат приказна изработена со кукли наменети за театар на сенки.

 Оваа година тимот кој неуморно цела година работеше на подготовките за реализација на фестивалот Ви ветува едно незаборавно дружење со одлични претстави, под отворено небо,на крајот сакам да ја изразам мојата благодарност до сите волонтери кои работат во организацијата на фестивалот без кои Битолино не би бил тоа што е.

Васко Мавровски

директор на ИДТФ Битолино

претседател на УО на ЗКУ Бабец театар-Битола