Во галеријата на Македонското културно друштво ,,Охридски бисери” во Нова Горица, Словенија е отворена изложбата ,,150 години од раѓањето на Гоце Делчев”, организирана од Државниот архив на Македонија во соработка со Агенцијата за иселеништво.
На отворањето на изложбата зборуваа: нашата амбасадорка во Република Словенија, Сузана Зеленковска, претседателот на Клубот, Боро Митовски, градоначалниците на Нова Горица и на Шенпетер, како и директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески. Притоа, беше изведена и мала културно-уметничка приредба.
Изложбата во Нова Горица, каде што живеат и работат околу три илјади Македонци, ќе трае еден месец, а потоа ќе биде претставена и во повеќе македонски клубови во Словенија и во Хрватска.
Во оваа пригода Македонското културно друштво ,,Охридски бисери” на Државниот архив му додели плакета за успешна соработка во областа на историјата и културата.