Директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски  оствари посета на „МКД ВАРДАР“ од Подгорица

0
323

На покана од страна на претставниците на друштвото “МКД ВАРДАР” Никола Ангеловски и Дејан Ангеловски од Подгорица, директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски  оствари посета на „МКД ВАРДАР“ од Подгорица, Црна Гора, со цел да се информира за положбата на Македонците и нивните права.

Никола Ангеловски  на средбата информира дека во Црна Гора според последниот попис живеат 900 Македонци организирани во  неколку македонски друштва.

Последните неколку години Македонците од Црна Гора бараат да влезат во Уставот на Црна Гора како признато малцинство еднакво на другите малцинства, со можност да формираат Национален Совет на Македонците преку кој ќе се реализираат проектите за зачувување на македонската култура, традиција и идентитет.

Македонците во Црна Гора се интегриран, интелектуален и лојален народ и доколку се здобие со уставоправност, ќе имаат право на член во Советот за дијаспора и Одборот за малцинствата.

Г-дин Никола Ангеловски истакна дека во следниот период планира преку социјалните мрежи и институциите во Црна Гора да ги мапира Македонците кои живеат и работат во Црна Гора и преку проекти и активности со поддршка од страна на Агенцијата за иселеништво да се подигне свеста за припадност и да се изборат заеднички за нивните права.

Директорот Близнаковски ги информира присутните дека сите барањата и дописите од нивна страна за разгледување на можностите од страна на македонските власти за покренување на прашањето за обострано признавање на двете малцинство по реципроцитет, се испратени од наша страна до Владата на Република Северна Македонија и до Министерството за надворешни работи.

Воедно, директорот Близнаковски оствари средба  со амбасадорката на Република Црна Гора, Марија Петровиќ, на која средба се заклучи да се покрене иницијатива за формирање на Мешовита комисија помеѓу Р.С Македонија и Р.Црна Гора, со цел подигање на положбата на повисоко ниво.

Директорот Близнаковски упати благодарност до присутните за исцрпните информации и посветеноста во целокупниот процес за подобрување на положбата на Македонците во Црна Гора и им подели рекламен материјал за потребите на идните активности.