Почитувани!
Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб, традиционално и достојно го одбележи 24 мај – Денот на големите македонски и сесловенски просветители светите браќа Кирил и Методиј со пригодно предавање на тема „Кирилометодијевското културно наследство во Македонија и неговото значење за современа Европа„.
Предавањето го одржа проф. д-р Маја Јакимовска -Тошиќ, научен советник и редовен професор на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј. https://iml.edu.mk/maja-jakimovska-toshikj/
Во чест на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители и учители светите Кирил и Методиј, во манифестацијата учествуваа и нашите ученици кои ја посетуваат наставата по македонски јазик и култура која по моделот Ц се одвива во загрепските основни училишта и во 1. Загребска Гимназија.
На предавањето присуствуваа проф. д-р. Наталија Поповска, директорка на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, проф. д-р. Ивица Баковиќ и проф. д-р. Борјана Прошев-Оливер од Филозофскиот факултет во Загреб, проф. д-р. Андреа Радошевиќ од Старословенскиот институт во Загреб, г-ѓа Маја Апостолова Балабурски ополномоштена министерка и заменичка амбасадор во македонската амбасада во Загреб, парохискиот свештеник на МПЦ ОА во РХ о. Велински и бројни Македонци кои живеат и работат во Загреб..
Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб пригодно ги даруваше студентите кои изучуваат македонистика на Филозофскиот Факултет во Загреб.
Со почит,
Катерина Зековиќ,
Претседателка на Советот на МНМ ГЗ