„Домашен“ пречек за „Танец“ во Детроит

0
195
„ДОМАШЕН“ ПРЕЧЕК ВО АМЕРИКАНСКАТА „МЕКА“ НА МАКЕДОНЦИТЕ
После четирите прекрасни концерти во Канада, „Танец“ тргнува во уметнички поход на тлото на Соединетите Американски Држави. Секако, прв на листата е Детроит, главното упориште на македонската дијаспора. А таму, ансамблот беше пречекан на типично македонско место и на типичен македонски начин – во Македонската православна црква „Света Богородица” и со македонско срдечно добредојде. Вечерва уметниците со радост ќе им се оддолжат на нашинците, но и на сите други вљубеници на нашиот фолклор, на главната сцена на Центарот за изведувачки уметности (Music Hall – Center for the Performing Arts) на авенијата Медисон.
Детроит е град на езерото Ири – една од петте метрополи во Соединетите Американски Држави и седиште на автомобилските компании, авионската и електронската индустрија. Тој е значаен културен, административен и спортски центар. Токму затоа и станал „мека” за Македонците. Најголем број нашинци нашле сигурна егзистенција токму во автомобилските компании, а одреден број, особено доселениците од Тетовско отвориле фурни, ресторани, слаткарници, дуќани и средни индустриски капацитети, во кои работат голем број доселеници од Македонија и пошироко од Балканот. Детроит е дефинитивно средиштето на најбројната македонска колонија во САД, создадена од првите печалбари од егејскиот дел на Македонија, од Преспанско, Битолско и други места. Денес во Детроит живеат четириесетина илјади Македонци и тоа претежно од Преспанско, Тетовско и Битолско. Затоа, со право се вели дека Вратница – Тетовско и Љубојно – Преспанско се преселиле во Детроит, а нив, за жал, ги има повеќе таму отколку во Македонија (околу 300 семејства од Вратница, а околу 120 семејства од Љубојно).
Црквата „Света Богородица” е најголемиот објект на Македонската православна црква во Соединетите Американски Држави. До храмот се изградени големи сали и други простории што претставуваат убав македонски архитектонски комплекс. Местото е осветено на 25 септември 1995 година, а црквата е осветена на 21 септември 2002 година. Од посебно значење за македонската заедница во Детроит беше, секако, Катедрата по македонски јазик што со успех работеше на Универзитетот „Ен Арбор”. Средства за одржување на Катедрата, покрај образовните установи, обезбедуваше и Македонската православна црква „Света Богородица” од Детроит. Во овој духовно-културен македонски центар работи и Културно-уметничкото друштво „Танец”, во кое членуваат педесетина момчиња и девојчиња, вљубеници во македонскиот фолклор, вљубеници во македонскиот фолклор.