Ден на националните малцинства на Град Осиек – 8 мај 2022

0
126

Осиек е мултинационален, мултиетнички и мултиконфесионален град во Хрватска, со богато историско и културно наследство. Град на соживот и меѓусебна соработка на 22 национални малцинства.

Со желба да им се овозможи уште подобро претставување на нивната традиција, култура и обичаи, Градскиот Совет го прогласи 9 Мај за „Ден на националните малцинства на Град Осиек“.

Годинава, организатори беа шесте Совети на националните малцинства (Албанци, Бошњаци, Германци, Срби, Словаци и Унгарци) и трите Претставници (Црногорци, Македонци и Словенци) чии изборен мандат се обновува секои четири години на малцинските избори. Тие, заедно со нивните културни малцински друштва но и со другите кои делуваат во Градот (Евреи, Чеси, Роми, Русини, Украинци), зедоа учество во прославата, според можностите за припреми во пандемискиот период.

Македонците од Осиек ги претстави избраната Претставничка на македонско национално малцинство за Град Осиек Јагода Тренеска Цветичанин, која беше воедно и уметнички координатор на Градот и сите малцинства, учесници во музичко/сценската програма. Таа, заедно со активните членови на Македонското културно друштво „Браќа Миладиновци“ чиј претседател е Борис Трајановски, понудија на посетителите македонски содржини на сите полиња од културното делување на Друштвото.

Прославата се одвиваше на две локации, во два дена.

Во неделата, на 8 мај, на сцената од главниот плоштад Анте Старчевиќ, од 10 до 12 часот се одвиваше богата културно-уметничка програма со учество на 11 малцински културни друштва и солисти.

Во исто време, плоштадот беше исполнет со тезги на вкупно 15 национални малцинства кои ги понудија своите национални кулинарски специјалитети, ракотворби и ликовни креации.

Присутните гости и учесници ги поздрави директорот на Уредот за човечки права и права на националните малцинства во Р.Х. Ален Тахири, потпретседателот на Советот за национални малцинства на Р.Х. Владимир Хам и Анто Ѓапиќ, градски пратеник во име на градоначелникот Иван Радиќ.

Меѓу гостите присуствуваа и Н.Е. Милаим Фетаи, амбасадор на Р.С. Македонија и ополномоштената министерка Маја Андонова Балабурски кои беа со радост пречекани од Македонците во градот на Драва.

Вториот ден, понеделник 9 мај 2022 беше резервиран за издаваштвото на малцинствата, на настанот „Разговори со книгата“ во Старата пекара со почеток во 19 часот. Во друштво на авторите од словачкото, германското, српското и словенското малцинство, Македонците беа застапени со најновата книга на Јулијана Младеновска-Тешија, која ја претстави својата книга „На каучот од Зигмунд Фројд“.

Так, богатството на различните јазици, носии, мелодии, ритмови, песни, кореографии, рачни изработки, како и вкусови од националните солени и слатки делиции кои будеа емоции и носталгија кон родните краеви на нивните претци, оставија пораки и желби за повторни и слични активности.

Во Осиек,                                                                   Јагода Тренеска Цветичанин

11 мај 2022 год