Македонската православна црква-Охридска Архиепископија денеска е признаена за канонска и валидна во православниот свет, со одлука на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија од Истанбул, предводена од Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, соопшти МПЦ-ОА. Од возобновувањето во 1967 година, МПЦ-ОА беше меѓународно изолирана и непризнаена од православниот свет.
Синодот на МПЦ-ОА во април 2018 година испрати молба за апелација до Вселенската Патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност. Оттогаш, и македонскиот државен врв упати неколку писма и молби до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за уважување на молбата за апелација.
Денеска, откако уште еднаш биле разгледани сите црковно-правни елементи, Патријархот Вартоломеј и неговиот Синод ја уважија молбата и ја донесоа конечната одлука. Но, во одлуката на Вселенската Патријаршија се вели дека се остава на најсветата Црква на Србија (СПЦ) да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание, што значи дека за томосот за автокефалност ќе го предложи СПЦ до Вселенсата Патријаршија, која е единствената што по каноните издава томос за афтокефалија.
Премиерот Димитар Ковачевски му се заблагодари на Г. Г. Вартоломеј што „направи големо дело, покажа голема грижа за еден голем православен народ и Вселенската Патријаршија со овој чин потврди дека стојат на историската мисија и одговорност“.
„Иако со овој чин конечниот статус и име сѐ уште не се решени, најважниот и најголем чекор е завршен. Сега нашата православна црква е во заедница со сите православни цркви, и овој ден е историски ден после 7 децении тотална изолација. Денеска со одлуката на Вселенската Патријаршија ние влегуваме во православното семејство на сите помесни цркви. И оваа одлука на вселенската патријаршија што нè признава под име Охрхидска Архиепископија значи признавање на континуитетот што го има нашата историска црква со древната Охридска Архиепископија“, изјави Ковачевски.