Денови на културата во општина Илинден

0
22

Општина Илинден на 11 и 12 мај 2022 година, ќе ги реализира традиционалните Денови на културата, во чии рамки во Домот на култура „Илинден“ ќе се одржи 23-та Литературна манифестација „Илинден 2022“.

Централен настан на манифестацијата што се реализира во соработка со Друштвото на писателите на Македонија е поетскиот митинг што ќе се одржи на 12 мај со почеток во 19.00 часот, на кој ќе настапат повеќемина реномирани македонски поети.

Во рамките на манифестацијата ќе се одржи и традиционалното Литературно матине за деца со учество на повеќемина истакнати македонски писатели за деца и млади и на кое ќе бидат доделени награди и пофалници за најуспешните творби на учениците, пристигнати на литературниот конкурс распишан по повод Литературната манифестација.

Деновите на културата во општина Илинден што се реализираат под покровителство на градоначалникот м-р Александар Георгиевски ќе бидат збогатени со отворање на изложба на Драган Кузмановски, настап на културно-уметнички друштва, како и музички групи, што ќе се реализираат во Домот на култура „Илинден“.

Општина Илинден

Одделение за поддршка на Градоначалникот