КУД „ТАНЕЦ“- МИРАВЦИ, ПРЕНЕСУВАЧ НА ВЕКОВНАТА ТРАДИЦИЈА СО ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА „ЃУРО МАРА“

0
25

По две годишна пауза поради КОВИД- пандемијата, на платото пред Домот на културата во Миравци, КУД „Танец“ од Миравци го заигра повторно автентичното оро „Ѓура Мара“. Со одржувањето на традиционалната културно-уметничка манифестација, КУД „Танец“- Миравци, кој е долгогодишен организатор на настанот со историско значење, повторно го возобнови минатото на нивните предци преку изведбата на орото, пренесувајќи им ја вековната традиција на нивните поколенија. Потсетувајќи ги жителите на Миравци, како и многубројните гости, на легендата за грабнувањето на убавата мома Мара од турските војници и нејзиното ослободување од страна на братот Ѓуро. Покрај изведбата на автентичното оро по зајдисонцето на третиот ден од големиот христијански празник Велигден, членовите на КУД „Танец“ од Миравци, се претставија и со други кореографии од ризницата на богатиот македонски фолклор. Во културната програма учествуваше и „Фолклорна низа“ од Струмица, а, исто така, беше презентиран и фолклорот на нашиот северен сосед, со учеството на КУД „Паја Зариќ“ од Нови Карлови, од збратимената општина Инџија, Република Србија.
На почетокот од манифестацијата, пред присутните се обрати градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој преку годинашната Програма на Општина Гевгелија за културни активности во 2022 година, ги поддржа активностите на КУД „Танец“- Миравци.
– „Ѓура Мара“ е настан кој е симбол за заедништво во ова населено место. Приказната за грабнувањето на убавата девојка Мара од страна на турските војници, низ годините наназад, прерасна во вековна традиција. Општина Гевгелија треба секогаш да ги поддржува ваквите настани, бидејќи на овие настани низ призма на македонските игри и ора ја негуваме нашата македонска традиција, го означуваме нашето постоење и градиме иднина за идните генерации, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, поздравувајќи ги гостите од збратимената општина Инџија, организаторите и останатите присутни.