ВО ПОТРАГА ЗА БЕЛИОТ ЛЕБ
Неодамна во издание на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ се издаде романот „Во потрага за белиот леб“ од романсиерката и поетеса Велика Џангалоска-Гатсис која живее и твори во Квинбијан, НЈВ (Австралија).
Рецензент на романот е писателот Александар Донски кој има дадено опсежна анализа на ова дело кое го оцени како извонреден роман кој нуди „повеќеслојна oпсервација не само на животот на главниот лик Камен („Ѓуптин“, т.е. припадник на египетското малцинство во Македонија) од повеќе негови аспекти, туку и на животот во Македонија од крајот на XIX и почетокот на ХХ век“.
Тој нагласи дека авторката Велика Џангалоска-Гатсис има „неспорен талент за осмислување и креирање возбудлива содржина неприкосновено и вешто манипулирајќи со фабулата, успешно водејќи го читателот низ сите фази, почнувајќи од воведот, преку заплетот, кулминацијата, пресвртот, па сѐ до расплетот. Во овој социјално-љубовен трилер, делови од фабулата ненадејно блеснуваат пред читателот оставајќи го по малку збунет, но потоа постепено, низ дополнителни објаснувања и логичен след на настаните, сѐ си доаѓа на свое место“.
Следејќи го централниот лик на романот, Камен, кој е од сиромашно семејство, го поминал детството и младоста живеејќи во трошна колиба, па сѐ до крајот на својот долг стогодишен живот што го завршил како богат и успешен бизнисмен во САД. Иако поминал низ секакви премрежја, две важни особини му останале уште од најраните години, па сѐ до смртта: добрина и чесност на кои го научил дедо му; и непрежалената љубов кон саканата од детството Мара. Тој чесно работи и печали во САД и среќата му се насмевнува кога случајно наоѓа закопано богатство во дворот на старата куќа. Но тоа не го прави среќен поради разделеноста од својата сакана Мара. Единствена утеха на Камен му дало бебето што било оставено пред неговиот дом, кое тој го посвоил и кое израснало во убава ќерка. Три судбини споени: на Камен, Мара и бебето, вткаени во љубов, желба и добрина.
Донски заклучува дека авторката Велика докажува дека е „добар познава на психологијата на емотивните карактери на луѓе на кои материјалното богатство не им значи ништо во спореба со емоциите. Никакви пари не можат да ја надокнадат неостварената љубов, па со тоа романот ја истакнува и својата морална димензија. Заплетот е несекојдневен. Токму кога се чини дека ликовите трајно се разделуваат, на чудесен начин нивните животни судбини повторно се испреплетуваат низ непредвидливи и најчесто трагични пресврти, што од своја страна ја прави содржината возбудлива и привлечна“.
Инаку на Велика Џангаловска Гатсис ова и е втор роман. Во 2020 година го издаде првиот роман „Курбан“ кој доживеа голем успех меѓу Македонците во дијаспората. Нејзина поезија повеќе пати била наградувана на Конкурсот за Прличева награда. Секој кој има желба да го купи ова дело може да стапи во контакт со авторката на следниот емајл: helen.gasanov@gmail.com
Душан Ристевски-Македон