Демант од Македонскиот сојуз во Шведска по повод написот во порталот Expres.mk, објавен вчера под наслов „Владата призна дека Преспанскиот договор го урива македонскиот национален идентитет“

0
63

Почитувана Редакцијо на МИА!

Во прилог ви испраќаме демант од Македонскиот сојуз во Шведска по повод написот во порталот Expres.mk, објавен вчера под наслов „Владата призна дека Преспанскиот договор го урива македонскиот национален идентитет“.

Се надеваме дека ќе го објавите нашиот демант и однапред ви благодариме!

Ивица Челиковиќ
Секретар на Македонскиот сојуз во Шведска

Тел: 0046 707 411 203
E-mail: ivica.celikovic@bredband.net

PS: Во прилог на демантот го доставуваме и дописот на Македонскиот сојуз во Шведска, испратен до Агенцијата за иселеништво.

 

 

Демант од Македонскиот сојуз од Шведска по повод написот во порталот Expres.mk: – „Владата призна дека Преспанскиот договор го урива македонскиот национален идентитет“, објавен на 20 април 2022 година

Иницијативата е од Македонскиот сојуз во Шведска, а не од Владата

Тврдењата изнесени во написот објавен во порталот Expres.mk, под наслов „ Владата призна дека Преспанскиот договор го урива македонскиот национален идентитет“, претставуваат груба манипулација и конструкција на факти, со цел да се освојат сити политикантски поени.

Не повикувајќи се на никакви извори, преку споменатиот напис, чиј автор е Горан Момироски, се пласира вест во јавноста дека станува збор за некаков „скандалозен допис до македонски организации во дијаспората“, во кој “македонската влада бара Македонците во странство да реагираат и да ги надминат катастрофалните последици на Преспанскиот договор по кој Македонците во многу случаи станаа Северномакенци а македонската нација Северномакедонска“.

Но, не станува збор за никаков допис од македонската влада, туку за допис испратен до Агенцијата за иселеништво на РСМ од страна на Македонскиот сојуз во Шведска. Дописот е испратен согласно заклучоците и препораките од Годишното изборно собрание на Македонскиот сојуз во Шведска (МС), одржано на 2 април 2022 година во Гетеборг, на кое како гостин присуствуваше и директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски. Притоа се замолува Агенцијата да го дистрибуира дописот до македонските организации во дијаспората. Проблематиката што се посочува во дописот на Македонскиот сојуз, кој функционира како централна организација што ја обединува дејноста на македонските друштва и клубови во Шведска, се однесува на примената на придавките и идентитетските одредници што произлегуваат од Преспанскиот договор меѓу Република Грција и Република Северна Македонија.

Во доставениот допис на Македонскиот сојуз во Шведска до Агенцијата за иселеништвом неѓу другото се вели:

  • „Четири години по потпишувањето на Преспанскиот договор се забележува, не само во Скандинавија, туку и пошироко, дека термините и одредниците од Договорот од Преспа се проследени со интересна пракса на нивно користење и толкување во меѓународни рамки, гледано токму од аспектот на острите спротивставувања околу тврдењата дека Договорот не задира во прашањата на националниот идентитет.

По потпишувањето на Договорот, шведскиот Институт за јазик и народна меморија, една од најзначајните шведски институции во областа на грижата за јазикот и јазичната политика, укажа дека со употребата на новото (слеано) име на државата, Nordmakedonien (Северна Македонија), ќе се јавуваат нејаснотии во однос на придавката и ознаката за националност. Како што беше забележано од страна на овој институт, можеше да се очекува скандинавските медиуми, без посуштинско и попрецизно познавање на одредбите во Договорот за името, да ги употребуваат слеаните ознаки – nordmakedonsk (северномакедонски/-ска) и nordmakedonier (Северномкедонци).

А тоа и се случува. Медиумите во Скандинавија  често известуваат со користење токму на придавката „северномакедонски “ политичари, уметници или спортисти, или пак кога се повикуваат на „северномакедонски медиуми“. Некои туристички агенцији во Данска, Норвешка и Шведска нудат аранжамни со посети на „северномакедонски винарии“, викенд-тури за Скопје и разгледување на спомениците со „сцени од северномакедонската историја“, а пред извесно време шведскиот телевизиски водител, во најавата на претставникот на Северна Македонија на „Евровизија“, изнесе неколку податоци за да го упати шведскиот телевизиски аудиториум околу „пласамнот што го постигнале Северномакедонците“ на овој музички натпревар во изминатите години.

Македонскиот сојуз во повеќе наврати реагираше до медиумите по повод ваквата пракса на известување, по што уследија и извинувања од страна на Шведската телевизија и други медиуми, проследени со ветувања дека ќе се води сметка да не се повторуваат вакви и слични лапсуси и несоодветни идентитески термини во однос на македонскиот јазик и Македонците.

Не станува збор само за зачестена пракса на приспособување на термини и идентитетски одредници кои произлегуваат од новото име Северна Македонија, и за „невнимателна“ употреба во речниците во скандинавските земји. Северномакедонци често се споменуваат и во медиумите во Холандија (Noord-Macedoniërs). Во медиумите во Германија често се користат термините Nordmazedonier и Nordmazedonisch. Northern Macedonians или North Macedonians во англиското говорно подрачје.

Токму затоа, имајќи го предвид гореизнесеното, се чини дека се отвора голем простор за македонската дипломатија, не само во однос на овие земји, туку и пошироко во слични околности во други земји и региони, да го покаже својот капацитет за да даде свој придонес во читањето и толкувањето на термините и идентитетските одрединци и нивната соодветна имплементација во секојдневниот вокабулар на странските медиуми, со кој директно и ефикасно се комуницира со пошироката јавност. Тоа несомнено би можело да биде и предизвик за дејствување i за бројните организации во македонската дијаспора“, се констатира во дописот на Македонскиот сојуз од Шведска, кој Агенцијата за иселеништво деновиве го дистрибираше на адресите на иселеничките друштва, клубови и црковни оштини со кои располага во својата база на контакти.

Тоа е вистинскиот бекграунд зад споменатиот допис, кој апослутно не е напишан во кабинетот на македонската Влада, туку во канцеларијата на Македонскиот сојуз во Шведска.

Можеме да се согласиме дека не е спорно оти станува збор за исклучително важна проблематика што бара голем и интензивен ангажман, координиран, пред сè, од страна на македонската Влада и надлежните министерства. Дефинирање на една рамка на активности во таква насока, со која би биле опфатени и поттикнувани да дадат свој придонес и македонските организации во дијаспората, несомнено би било од полза.

Но сосема е јасно дека порталот Express.mk со својот напис пласира паушални, непроверени и неточни тврдења, настојувајќи да изнеси оценки во јавноста дека станува збор за „скандалозни“ политики на Владата, која наводно, како што се истакнува во објавениот напис, „преку Агенцијата за иселеништво бара Македонците во дијаспората, кои никогаш не го поддржаа и прифатија договорот со Грција, да ги елиминираат катастрофалните последици по македонскиот национален идентитет“.

Со таков пристап Express.mk само ја потврдува востанеовената практика на силни клиентелистички врски меѓу одредени политички партии и медиуми во Македонија, односно практика што добива потврда токму преку ваков вид изнесување (не)проверени факти во јавноста.

Но, во крајна линија, останува нејасно на каков начин со вакви написи ù се помага на дијаспората? Ефектот е пред сè предизвикување на штета и правење мечкина услуга на македонската дијаспора, во чии редови во последните години се засилија недоразбирањата и разидувањата поради општата политизација и политичките подлеби во татковината, а што многумина самоповикани „емисари“ и „борци за вистината“, според примерот на авторот на објавениот напис во Express.mk, го злоупотребуваат за постојано да го стеснуваат контекстот во чии рамки македонските организации во дијаспората настојуваат да ги задржат и сочуваат своите контакти и соработка со институциите во татковината.

Ивица Челиковиќ

Секретар на Македонскиот сојуз во Шведска

Тел: 0046 707 411 203

E-mail: celikovic.ivica@yahoo.se

PS: Во прилог на демантот го доставуваме и дописот на Македонскиот сојуз во Шведска, испратен до Агенцијата за иселеништво.

 

 

 

Дo                                           11 април 2022 година, Гетеборг

Агенцијата за иселеништво на РСМ

Директор Слободан Близнаковски

Почитуван господине Близнаковски,

Согласно заклучоците и препораките од Годишното изборно собрание на Македонскиот сојуз во Шведска, одржано на 2 април 2022 година во Гетеборг, на кое вие, на наше особено задоволство, бевте присутен како гостин, ви испраќаме допис со кој би сакале да ве замолиме да го проследите до надлежните органи и институции во РСМ, како и до македонските организации во дијаспората. Проблематиката што би сакале да ја посочиме со овој допис се однесува на примената на придавките и идентитетските одредници што произлегуваат од Преспанскиот договор меѓу Република Грција и Република Северна Македонија.

Четири години по потпишувањето на Преспанскиот договор се забележува, не само во Скандинавија, туку и пошироко, дека термините и одредниците од Договорот од Преспа се проследени со интересна пракса на нивно користење и толкување во меѓународни рамки, гледано токму од аспектот на острите спротивставувања околу тврдењата дека Договорот не задира во прашањата на националниот идентитет.

Во Норвешка, со пребарување на Македонци (на норвешки Makedoner), норвешкиот академски речник дава објаснување дека супстантивот се употребува (застарено) за лице, жител на Република Македонија, која од 2019 е Северна Македонија (Nord-Makedonia). Веднаш следи супстантивот Северномакедонци (nordmakedoner, слеано), со етимолошко објаснување дека станува збор за актуелна употреба на изведенка од името Северна Македонија. И во норвешкиот толковен речник, со пребарување на зборот Makedonia еден од резултатите што се добиваат е дека станува збор за лице од поранешната југословенска Република Македонија, со тоа што од 2019 се во употреба Северна Македонија и Северномакедонци.

Во Данска, со пребарување на именката Македонци (на дански Makedonier) во Речникот на модерниот дански јазик се добива објаснување дека тоа е „лице од Македонија (од републиката што го смени името во Северна Македонија во 2019 година, или од истоимениот регион на северна Грција). Во продолжение се посочени зборови со блиско значење и сегашната употреба на зборот Северномакедонци.

Во Шведска со пребарување на супстантивот Makedonier (Македонци) во Речникот на Шведската академија се добива кратко неутрално објаснување, односно дека станува збор за жители од Македонија. Но од страна на шведскиот Институт за јазик и народна меморија, една од најзначајните шведски институции во областа на грижата за јазикот и јазичната политика, беше укажано дека со употребата на новото (слеано) име на државата, Nordmakedonien, ќе се јавуваат нејаснотии во однос на придавката и ознаката за националност. Како што беше забележано од страна на овој институт, можеше да се очекува скандинавските медиуми, без посуштинско и попрецизно познавање на одредбите во Договорот за името, да ги употребуваат слеаните ознаки – nordmakedonsk (северномакедонски/-ска) и nordmakedonier (Северномкедонци).

А тоа и се случува. Медиумите во Скандинавија  често известуваат со користење токму на придавката „северномакедонски “ политичари, уметници или спортисти, или пак кога се повикуваат на „северномакедонски медиуми“. Голем број туристички агенцији во Данска, Норвешка и Шведска нудат аранжамни со посети на „северномакедонски винарии“, викенд-тури за Скопје и разгледување на спомениците со „сцени од северномакедонската историја“, а пред извесно време шведскиот телевизиски водител, во најавата на претставникот на Северна Македонија на „Евровизија“, изнесе неколку податоци за да го упати шведскиот телевизиски аудиториум околу „пласамнот што го постигнале Северномакедонците“ на овој музички натпревар во изминатите години.

Во Шведска не е е ретка ниту појавата на повеќе веб-страници на разни организации и институции, кои на граѓаните, или на своите членови, им нудат услуги во превод на разни јазици, да се понуди и превод на „северноакедонски јазик“. Благајната за осигурување во случај на невработеност, приклучена кон еден од најголемите шведски синдикати на работниците во градежништвото, од пред извесно време, меѓу преведените содржини на други јазици на својата веб-страница, им нуди информации на своите членови и на „северномакдонски јазик“.

Не станува збор само за зачестена пракса на приспособување на термини и идентитетски одредници кои произлегуваат од новото име Северна Македонија, и за „невнимателна“ употреба во речниците во скандинавските земји. Северномакедонци често се споменуваат и во медиумите во Холандија (Noord-Macedoniërs). Во медиумите во Германија често се користат термините Nordmazedonier и Nordmazedonisch. Northern Macedonians или North Macedonians во англиското говорно подрачје.

Токму затоа, имајќи го предвид гореизнесеното, се чини дека се отвора голем простор за македонската дипломатија, не само во однос на овие земји, туку и пошироко во слични околности во други земји и региони, да го покаже својот капацитет за да даде свој придонес во читањето и толкувањето на термините и идентитетските одрединци и нивната соодветна имплементација во секојдневниот вокабулар на странските медиуми, со кој директно и ефикасно се комуницира со пошироката јавност. Тоа несомнено би можело да биде и предизвик за дејствување i за бројните организации во македонската дијаспора.

Срдечно,

Ивица Челиковиќ

Секретар на Македонскиот сојуз во Шведска

Тел: 0046 707 411 203

E-mail: ivica.celikovic@bredband.net