Кундинско езеро е мало природно езеро со вулканско потекло кое се наоѓа на околу 4 километри северозападно од градот Пробиштип, во подножјето на планината Плавица. До седумдесетите години од минатиот век, кога тука е прокопан одводен канал, нивото на водата во езерото било многу поконстантно. Денес, покрај со испарување и понирање, големо количество вода се губи и преку овој канал, што значително влијае врз хидробиолошката стабилност на езерото. Површината и внатрешноста на Кундинското езеро се преплавени со зелени алги кои, во убав сончев ден, заедно со жолтилото на околните трски и синилото на водата и небото, му даваат на овој микролокалитет исклучителен колорит, а несекојдневниот пејсаж го претвораат во уникатно место кое на посетителите им дава чувство на несекојдневно доживување.