Во Белград промовирана монографија „Македониум“

0
214

Монографијата на здружението Македониум од Белград (2008 – 2018) промовирана е во Библиотеката на градот Белград, во присуство на голем број членови на здружението, претставници од Македонската амбасада, Македонскиот национален совет, како и од другите македонски здруженија во Србија. Програмата ја отвори пејачката група ,,Македониум” со химната на здружението ,,Молитва” и рециталот ,,Македониум тоа сме ние” кој што го исполни актерот Зоран Митровиќ во пратња на клавирското дуо ,,Панта реи” од Белград. Присутните ги поздравија амбасадорката Михаела Веселинов, како и претседателот на Македонскиот национален совет Борче Величковски. Започнувајќи ја приказната за монографијата, претседателката на здружението Зорица Митровиќ истакна дека монографијата е издадена од страна на Македонскиот информативен и издавачки центар, со помош на Македонскиот националниот совет и Министерството за култура на Република Србија. Иако со повеќе од три години доцнење поради пандимиските и други неповолни услови, вложен е голем труд од страна на уредувачкиот тим да во скратена форма се раскаже приказната за  Македонците во Белград организирани во Здружението „Македониум“, да се забележат и да се зачуваат од заборав десетте години интензивна активност на  членовите кои иако далеку од својата татковина, со голема љубов и гордост ги чуваат својот македонски идентитет, јазикот, културата, традицијата.Рецензентот, академик Ристо Василевски истакна дека книгата е и своевиден споменик на здружението.

  • Овој летопис кој грижливо ги бележи сите манифестации, програми и дејности, едновремено претставува и итинерер и именик и благодарница на личностите коишто на кој било начин придонесле темелите на македонството во овој простор да се зацврстат и, колку што се може, преку нив веќе да не се прелева на другата страна неговиот идентитет како што се случувало тоа во минатото. A притоа со ништо да не се нарушат односите, соживотот и коегзистенцијата со средината и со народот меѓу кој се опстојува. За тоа сведочaт многуте тука спомнати членови на „Македониум” – Срби и припадници на други национални малцинства – и нивното учество во програмските содржини што тука се датумски таксативно евидентирани. Меѓу нив се наоѓаат имињата на многу истакнати личности од српскиот јавен и културен живот, особено од областа на уметноста и литературното творештво.За процесот на подготовките како и самиот воврстен материјал во монографијата зборуваа членовите на уредувачкиот тим Ангел Ончевски, Ранко Бебекоски и Елисавета Ивановиќ. Тие истакнаа дека монографијата е резултат на желбата и обврската да се забележат сите важни настани од дејноста на Здружението во минатото, а на идните генерации да им се остави порака и патоказ за утрешните, идни чекори. Подготвениот материјал е и богато илустриран со фотографии направени од членовите на Македониум Лазо Апостоловски, Александар Пенев, Ивана Моневска и Виктор Шеќеровски. Во културно уметничкиот дел од програмата учествуваа поетите Раде Кокиќ и Војислав Вукотиќ, чиишто песни се застапени во монографијата, како и клавирското дуо Панта реи. Во рамките на програмата, беа доделени книги на членовите на здружението и поединци кои придонеле во подготовката на монографијата, како и на присутните колеги и соработници од македонските здруженија ,,Вардар” од Качарево, Центарот ,,Тоше Проески” од Качарево, здружението ,,Илинден” од Јабука, здружението ,,Вардфар” од Вршац, како и фондацијата Нушиќ. Специјални плакети, како благодарност за учество и придонесто во процесот на подготовката и издавањето на монографијата добија членовите Лазо Апостоловски, Ангел Ончевски и Елисавета Ивановиќ. Програмата ја затвори пејачката група ,,Македониум” со сплет на македонски традиционални песни.