СРЕЌЕН 73. РОДЕНДЕН, ТАНЕЦ!

0
309
СРЕЌЕН 73. РОДЕНДЕН, ТАНЕЦ!
24 МАРТ 1949 – 24 МАРТ 2022
На денешен ден, пред 73 години во Скопје е формиран „Државниот ансамбл на народни игри и песни на Народна Република Македонија“, институцијата којашто од 2 јуни 1953 година го носи името „Ансамбл за народни игри и песни на Македонија ТАНЕЦ“, односно денешната „Национална установа за македонски игри и песни ТАНЕЦ“.
ТАНЕЦ е основан како плод на една поширока културно-уметничка активност којашто се разви во земјата по ослободувањето, како резултат на органската потреба на македонската култура за таков вид на делување, со основна цел да го собира, негува и уметнички да го надградува македонското фолклорно богатство – ората, песните, инструментите, обичаите и носиите, и музичко-сценски соодветно да ги претставува во земјата и надвор од неа.
ТАНЕЦ е создаден, како што еднаш ќе рече Душко Димитровски, од аирлии луѓе и во благословено време. Во доба кога сите наши фолклорни жанрови и форми на теренот биле доведени до уметничко совршенство и озарени од највисок, класичен сјај. Со широка можност за антологиски избор на народни креативни уникати и изворни уметници-исполнители, сите мудро селектирани од ингениозни луѓе.
Самата најава кон крајот на 1948 година дека во нашата република ќе се оформи професионален фолклорен ансамбл ги разбудило чувствата, ја поттикнало желбата тој да се постави врз цврсти основи, потребни за една професионална институција. Од овие причини се наметнала и потребата уште во првите денови на неговото востановување во ансамблот да бидат вклучени тогаш најкомпетентните стручни кадри – докажани играорци, песнопојци и свирачи од целата земја. Планот бил поставување на изворни ора од повеќе региони на Македонија, а најголем удел во нивната сценска адаптација дале играорците од тогашното Друштво „Кочо Рацин“, односно познатата лазарополска група, како и играорците од фолклорните групи од Битола и неколку демонстратори од Велес, Штип, Свети Николе и други места.
Така, во 1949-та година, со решение на Народното собрание на тогашната Народна Република Македонија е формирано друштво за собирање, негување и презентирање на македонското музичко-сценско творештво.
Уште од самиот почеток „Танец“ пленел со издржана и уметнички моќна програмска основа. Од зрели, естетски совршени, директно измолкнати од генот и магично-ритуални програмски содржини, тој и денес ја остварува својата благородна мисија. Со големи можности за проширување и инспиративна надградба, но секогаш во дослух со исконското, изворното и органското како најсигурни креативни показатели.
Со именувањето на првиот директор Емануел Мане Чучков, началникот на музичкиот оддел Живко Фирфов и раководителот на играорниот кор Рафе Живковски, веќе првата година од дејствувањето на ансамблот била година исполнета со многубројни активности, селекции, аудиции, патувања низ земјата заради пополнување на неговите редови и собирање на автентични народни носии, но и година на поставување на основната програмско-репертоарска концепција.
Така екипирани и професионално подготвени, овие првоборци го реализираат првиот концерт на 24 јуни 1950-та година во тогашниот Македонски народен театар, во еден величествен амбиент, наградени со одушевеност и аплаузи и од публиката и од критиката. Набргу, после само еден месец после премиерниот концерт пред своите, следува и првото меѓународно претставување и освојување на врвот.
Оттогаш, па наваму, сè е веќе историја, а Танец е вистински печат на времето.