Во Панчево ќе се гради споменик „Мајка Македонија“

0
234

Делегацијата на Македонскиот националниот совет во состав Борче Величковски, претседател, Зорица Митровиќ секретар и Озрен Симјановски директор на Новинско издавачката установа Македонски информативен и издавачки центар оствари состанок со премиерот на покраинската влада Игор Мировиќ, на која што се разговараше за поддршката на програмите значајни за унапредување на положбата на припадниците на македонската националната заедница во Војводина.

Претседателот Величковски на премиерот му врачи златна плакета за придонес во работата и афирмација на Националниот совет, истакнувајќи ја одличната соработка со покраинската влада, како и со другите покраиински секретаријати во Војводина.

Премиерот Мировиќ упати честитка по повод 75 години од доселувањето на Македонците во Војводина и 20 години институционалното организирање на македонското национално малцинство во Србија, јубилеи кои што Националниот совет ги одбележува во текот на оваа година.

Тој најави и дека Покраинската влада ќе го подржи проектот за поставување на споменик ,,Мајка Македонија” во Панчево, каде што е и седиштето на Советот. Дел од средствата веќе ги обезбеди Националниот совет.

Идејното решение на споменикот ,,Мајка Македонија” го изработи вајарот Синиша Новески. Самата скулптура естетски е симболика на жена/мајка со своите две деца како се доселува во Србија. Жената е облечена во традиционална македонска облека од тој период, со изморено и тажно лице за напуштање на родната Македонија, но и оптимизам за нов почеток. Детето кое го носи во рацете е женско и свртено е кон Србија и се радува за новиот почеток, додека другото дете е немирно, тажно и гледа наназад кон Македонија и фамилијта која ја има оставено. На тој начин скулптурата преставува еден спој на Македонија и Србија.

Се очекува споменикот да биде изработен и поставен до крајот на оваа година.