Вчера во пресрет на роденденот на Македонското културно друштво „Св Кирил и Методиј“ од Трентино во овој италијански град беше отворено македонско катче на книгата.

0
411

Со тоа  на најубав начин во Градската библиотека во Тионе ди Тренто се заокружи  проектот во соработка помеѓу Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и Македонското културно друштво „Св. Кирил и  Методиј“од Трентино.

– На почетокот од септември минатата година НУ Библиотека од Охрид донираше поголем број книги од охридски и македонски автори со цел да го помогне отворањето на мини библиотека во нашето друштво , но и во Трентино, вели иницијаторот за оваа културна соработка Венко Трпески кој е од Охрид а живее и работи во Италија, а е претседател на МКД „Св. Кирил и Методиј“.

Трпоски беше иницијатор и во Охрид во НУ Библиотека да се отвори италијанско катче на книгата кое наскоро ќе профункционира и е опремено со средства од Италијанскиот синдикат за градежништво во кој Венко работи а идејата кај неговите претпоставени наиде на разбирање и поддршка.

-Многу  ми е мило  што  од управата  на библиотеката во Трентино се големи  ентузијасти  и  се пресреќни за соработката  со библиотеката  „Григор Прличев’ од Охрид  и веќе одбираат книги  за катчето а се од италијански автори, додава Трпески.

-Соработката со Венко ќе продолжи , вели Милчо Јованоски, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“од Охрид, планирано е да биде преведен роман од италијански автор поврзан со животот во нашето македонско поднебје за време на Втората светска војна и по неа. Ако се оди според плановите промоцијата најверојатно ќе се случи во соработка со фестивалот „Охридско лето“ и Амбасадата на Република Италија во Скопје.