На 25 февруари 2022 година Агенцијата за иселеништво ја посетија г-дин Мауамер Гезден, г-дин Илхами Илдиз и г-ѓа Јилдиз Ајдан, претставници на иселеничките организации: „Шефијат“ и „Друштво на македонски иселеници за култура и солидарност“ од Каршијака и Чили, Република Турција, во придружба на градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски
На средбата присутните го информираа директорот Близнаковски дека целта на посетата е разгледување на можноста за формирање на настава по македонски јазик во Турција, во местата каде концентрацијата на македонски иселеници е поголема, унапредување на културната соработка помеѓу соодветните македонски институции и фолклорни друштва со културно-уметничките друштва во Турција кои ја негуваат македонската култура, фолклор и традиција, како и разгледување на можностите за стекнување со македонско државјанство.
Директорот Слободан Близнаковски се заблагодари за посетата и интересот за соработка и во координација со раководителите на секторите Виолета Секулова и Билјана Костова ги информира за процедурите и критериумите кои треба да се исполнат за реализација на наставата по македонски јазик во странство, за улогата на Агенцијата за иселеништво во поддршката на наставниот процес, како и за идната соработка при организирање на културни и други манифестации.
Присутните се заблагодарија за приемот и упатија покана до директорот Близнаковски за присуство на претстојниот Меѓународен фолклорен фестивал во Каршијака кој се одржува секоја година во април, на кој помеѓу другите, учествуваат и македонски фолклорни друштва.
Директорот подели сувенири со традиционални обележја.