Пица мајсторот Зоран Јовановски ќе учествува на Светскиот пица шампионат во Рим

0
64

Зоран Јовановски, човекот кој пред повеќе од две години ја отвори првата Академија за пица мајстори во Македонска Каменица е пред нов предизвик. Во улога на ментор на македонски и српски натпреварувачи тој ќе учествува на Светскиот шампионат во правење пица, кој во месец април ќе се одржи во Рим, Италија.

-На светскиот пица шампионат кој ќе се одржи во Рим на 25-26 април оваа година ќе учествуваат околу 250 пица мајстори од целиот свет. Најпрво да кажам дека сум поканет да бидам судија на тоа најголемо натпреварување, кое воедно за мене претставува и најголем успех во кариерата  до сега. Исто така ќе бидам и ментор на македонскиот тим (Дејан Трајанов Чеде, Синиша Чамџиќ и Хисен Таири) кој ќе се натпреварува  во три категории – Пица Наполетана, Пица Класика и Мистери Бокс (Mistery Box), а ќе му бидам ментор и на единствениот српски натпреварувач Дамир Карпузи, кој ќе се натпреварува во Пица Наполетана, истакна Јовановски.
За неговата Академија која во меѓувреме од Македонска Каменица се премести во Кочани, вели дека работи со полна пареа со учество на студенти од целиот Балкан и пошироко.
-Имаме студенти од секаде, моментално курсот го заврши едно момче кој дојде од Црна Гора и е презадоволен и пресреќен колку многу и брзо научи да прави пица. Веќе е спремен да си отвори своја пицерија во Подгорица. Она што е новитет во поглед на работата со Академијата, неодамна добивме лиценца и за трета Академија која ќе се наоѓа во Белград и имаме ексклузивно право за цела Србија, вели познатиот пица-мајстор.
За сите тие успешни активности на академијата и лично негови, каменичанецот се здоби со втора златна ѕвезда од италијанската Accademia Pizzaioli. Паралелно, како што дополни, обучува и студенти во Шведска.
-Академијата во Шведска работи веќе две години и склучивме договор со две компании кои имаат 70 до 80 свои ресторан. Таму ние обучуваме пица мајстори само за нивните потреби, а во последно време им праќаме и од Македонија, додава вредниот каменичанец.
За него, најголемо задоволство е што оваа година за првпат изучувал и тројца студенти со оштетен говор и слух, кои успешно ја завршија обуката и спремаат своја пицерија во Битола.