Трета година кантоналната училишна администрација во Женева со настава на Македонски јазик

0
357

(МИА) – Трета година по ред продолжува наставата по македонски јазик и култура која фигурира на листата на кантоналната училишна администрација во Женева, Швајцарија. Од Асоцијацијата на македонската дијаспора во Швајцарија „Рефрама“ информираат дека и покрај пандемијата изучувањето на странските јазици и дополнителната настава во училиштата во Женева меѓу кои и македонскиот ќе остане приоритет во нивните напори што поголем број деца, да го изучуваат јазикот од каде потекнуваат нивните родители.

-Иако малубројни во последните две години како последица на здравствената ситуација како и административниот проблем, со кој сè уште се кочи испраќањето на наставник во ова јазично подрачје на Швајцарија, сепак и со три ученици наставата „илегално“ се изведува, вели делчевскиот иселеник Драган Стоиловски кој е претседател на „Рефрама“.

Според него значењето на изучувањето на мајчиниот македонски јазик е повеќе од големо во овие тешки национално идентитетски моменти.

-Сепак и покрај заложбата и интересот на одредени родители за тоа важно прашање, непобитен факт е енормниот незаинтересиран однос на голем дел од Македонците во Швајцарија. Во региони каде живеат повеќе од неколку илјадници Македонци, постоењето на само две паралелки, Веве и Женева, е навистина трагикомично и неразбирливо, додаде Стоиловски.

И покрај се, апелираше да се охрабрат сите заинтересирани родители да ги поттикнат и мотивираат нивните деца во изучувањето на македонскиот јазик и култура во Швајцарија и останатите европски земји каде македонска дијаспора има значаен број на население.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде