Колоски: Работиме резолуцијата за македонско-американското наследство да биде изгласана од Конгресот и потпишана од претседателот
Вашингтон, 24 јануари 2022 (МИА) – Резолуцијата за прогласување на септември 2022 година за „Месец на македонско-американското наследство“ поднесена во Претставничкиот дом на Конгресот на САД во октомври, добива на сила и во изминатиот период е поддржана од уште пет конгресмени.
Предлог-резолуцијата досега ја поддржале 35 конгресмени, а ако биде изгласана, тоа ќе го поплочи патот за идејата македонско-американското наследство во САД да се слави секој септември на федерално ниво.
Како што појаснија за МИА од Обединета македонска дијаспора (ОМД), водечка организација на македонските Американци, ОМД помогнала на четворицата спонзори на резолуцијата во нејзиното пишување и составување. Тоа се конгресмените Брендон Бојл, демократ од Пенсилванија, Деби Дингел и Лиза Меклејн, првата демократка, втората републиканка од Мичиген и Клаудија Тени, републиканка од Њујорк.
Резолуцијата беше поднесена лани во октомври, а нејзиниот текст на конгресниот сајт објавен два месеци подоцна. ОМД, која активно лобира за македонските интереси во Вашингтон, во изминатиот период ги засили активностите за добивање побројна поддршка од конгресмените, бидејќи, како што изјави за МИА претседателот на ОМД, Мето Колоски, 2021 беше „хаотична со многу непланирани активности во Конгресот, па сите беа зафатени“.
– Резолуцијата досега ја поддржаа 35 конгресмени и сите очекуваат да станат коспонзори. ОМД помогна во нејзиното составување и пишување, заедно со четворицата конгресмени копретседавачи. Оваа резолуција е слична на таа што Мичиген ја изгласа лани во август, нагласи Коловски.
За септември 2022 година навистина да се слави како „Месец на македонско-американското наследство“ во САД, резолуцијата треба да помине низ Комитетот за реформи и потоа Претставничкиот дома да ја усвои со просто мнозинството.
Од ОМД сега очекуваат да добијат повеќе коспонзори, на што се работи со испраќање писма до конгресмените. Тоа може да го направат и сите македонски Американци со повик до претставникот на Конгресот од соодветниот округ во кои тие живеат преку следниот линк.
Колоски понатаму планира да започне акција за поднесување на резолуцијата и во Сенатот, па да добие поддршка и од претседателот на САД, но и да биде поддржана одделно од секоја сојузна држава, како што тоа го направи Мичиген.
Ако на ОМД им успее оваа идеја, македонската дијаспора ќе застане рамо до рамо со полската, ирската, еврејската или грчката, кои го слават своето наследство со празници што во САД се прифатени на федерално ниво.
Она што е посебно интересно за оваа резолуција е тоа дека во текстот е наведена цела историографија на придонесот на македонската заедница во САД и влијанието што таа го оставила во земјата поради што треба да се слави македонскиот јазик, култура и постигнувања.
Резолуцијата наликува на скапоцена колекција од факти кои даваат појасна слика за нашите иселеници во Америка, вклучувајќи го и тоа дека тие бројат околу половина милион и дека постојат докази дека „македонското присуство во континенталниот дел на САД постои уште од околу 1492 година“.
Колоски рече дека ОМД редовно учествува во одбележување на Месецот на имигратското наследство во САД и уште од 2015 година објавува историски факти за македонските иселеници.
– Ние работмиме напорно и нашите стажанти во летната школа на ОМД дојдоа до сите овие информации со истражување на архивите, иако многу од овие податоци се јавно достапни со обично гуглање, посочи тој.
Во текстот стои дека „од 1880 година наваму десетици илјади Македонци заминале во Америка во потрага по граѓански и верски слободи, човекови права и економски можности“, а како последица на повеќе тектонски политички поместувања во регионот што се случувале низ целиот 20 век како Илинденското востание против отоманската власт во 1903 година, Балканските војни 1912-1913, двете светски војни, Граѓанската војна во Грција и политиките на поранешна Југославија.
Понатаму е наведено е дека „моментно македонската заедница во САД е енергична заедница вградена во американскиот мозаик, учествувајќи во сите сфери на животот, бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот ангажман, владата, војската, образованието, уметноста, кулинарството, атлетиката и останато“.
Според проценките на ОМД, во САД живеат половина милион Американци со македонско потекло и тоа во заедници во сојузните држави Мичиген, Њујорк, Охајо, Њу Џерси, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Калифорнија, Аризона, Тексас и Вирџинија.
Резолуцијата наведува дека македонските Американци придонеле за изградба на монументалните американски транспортни рути како што е Големата северна железница.