ДЕМАНТ НА ОБЈАВЕНИОТ ТЕКСТ ВО ПОРТАЛОТ „ЕКСПРЕС.МК“ НА 17 ЈАНУАРИ 2022 ГОДИНА

0
529

Демант на објавениот текст во порталот „Експрес.мк“ на 17 јануари 2022 година со наслов „Македонската дијаспора во Швајцарија откри нов скандал во Агенцијата за иселеништво“

Бидејќи немавме можност демантот да го испратиме до порталот Експрес.мк поради неточност на контакт информациите, исклучен телефон на редакцијата, непостоечки електронски адреси и неможност да се стапи во била каква комуникација со уредниците, демантот на објавениот текст во наведениот портал, на 17 Јануари 2022 година го објавуваме на интернет страната на Агенцијата за иселеништво и нејзиниот фб профил.

 Агенцијата за иселеништво,  во целост ги негира задоцнетите обвинувања (месец и половина) од страна на иселеникот Златко Николовски наведени во текстот „Македонската дијаспора во Швајцарија откри нов скандал во Агенцијата за иселеништво“ пред се затоа што едно лице не може да говори од име на сите иселеници и иселенички организации од Конфедерацијата Швајцарија и затоа што изнесените факти за настаните објавени во текстот се невистинити.

За време на службеното патување на директорот Близнаковски во Италија со претставници од Агенцијата за иселеништво во периодот од 3 до 5 декември 2021  година, беа реализирани посети на едно здружение и една Црковна Општина и неформална средба со двајца иселеници на нивно барање, во просториите на хотелот во близина на градот Канели, за кои средби е испратен извештај до Владата на Република Северна Македонија и јавно објавен на  интернет страната на Агенцијата за иселеништво.(https://minisel.gov.mk/index.php/2021/12/21/soopstenie-2/)

Вистината е дека изутрина на 5 декември 2021 година г-дин Трајче Папазовски, иселеник од Швајцарија, се најави дека во придружба на Златко Николовски ќе ја посети делегацијата  во Хотелот каде што престојуваше на кратко видување, која средба најавена како неформална, прерасна во работна средба од 2 часа, со теми за активностите на Агенцијата за иселеништво и проблемите што ги имаат иселениците, а посебно околу можноста за увоз на противпожарно возило во нивна организација. Директорот Близнаковски најкултурно разговараше со иселениците и се дискутираше главно околу законите за увоз на возила од таков вид. Оваа средба поконкретно е наведена во изготвениот  Извештај од Службено патување од наша страна и доставен до соодветните државни органи.

Целта на средбите што ги организира Агенцијата за иселеништво со иселениците  е прибирање на идеи и информации за потребите и проблемите на иселениците и иселеничките организации и да се постапува по истите во соработка со соодветните државни органи.

Заради тоа  тврдењето од страна на Златко Николовски дека е планирано  приватна средба со административниот службеник Билјана Костова за теми за иселеништвото, не е точно, бидејќи во присуство на директорот на органот во кој административниот службеник работи, тоа право го има единствено директорот на Агенцијата за иселеништво.

Исто така тврдењето дека директорот Близнаковски го заострил тонот во текот на разговорот го демантираме бидејќи иселениците беа најљубезно примени и разговорот течеше во мирна и работна атмосфера која продолжи и при заедничката  посета на Македонската Православна Црковна Општина Св.Архангел Михаил во Нејве, по што се разделивме со пријателски и срдечен поздрав.

Во рамки на целиот текст посебно навредливо е обраќањето према директорот на Агенцијата за иселеништво  каде е наречен Близнаков(ски), што е некоректно и нелогично после спонтано – реализирана конструктивна средба и разговор на задоволство на делегацијата.

Крајно тенденциозни се наводите во објавениот текст дека Агенцијата за иселеништво е потребно да се укине, да се избркаат вработените и да се создаде нов орган кој ќе одговори на потребите на иселениците.

 Напротив, Агенцијата остварува постојана комуникација со иселениците за што има позитивен одговор, а за таа комуникација и поддршка сведочи богатата интернет страна на Агенцијата за иселеништво и социјалните медиуми, каде најчесто се објавува благодарноста и задоволството од иселенците од соработката во сите полиња, а најповеќе во културата. (https://www.minisel.gov.mk)

Самиот текст објавен во медиумот „Експрес.мк“ не е само навреда и невистинитост за Агенцијата за иселеништво туку навреда и за сите иселеници кои секојдневно се обраќаат задоволни од услугата која ја пружиме.

Изготвил, Билјана Костова

 

Слободан Близнаковски,

директор на Агенцијата за иселеништво