На 12 Декември директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски оствари средба со претставници од Управниот одбор, Свештеникот од МПЦО „Св. Наум Охридски“ од Малме, претставници на друштвата: „11 Октомври“, „КСФ Преспа-Бирлик“, „КСД Македонија“, „Пелистер“ и наставниците по македонски јазик од Малме, Еслов, Лунд и Ландскрона
На средбата Отец Блажо Кожарски информира дека Црковната Општина опстојува речиси 50 години, а од 2008 година е издигнат првиот Храм во Европската Епархија Св.Наум Охридски. Покрај во духовната мисија, Црковната Општина поддржува и активности за чување на македонската традиција, фолклор, обичаи, а по потреба во соработка со Амбасадата од Стокхолм, служи и за конзуларна поддршка при фотографирањето за патни исправи на македонските граѓани кои живеат во Шведска.
Свештеникот е надлежен за Јужниот дел на Шведска вклучително и МПЦО „Св.Климент Охридски“ од Копенхаген. МПЦО во Шведска е призната од шведската држава.
Претседателот на Управниот одбор смета дека врските со татковината треба да се зајакнат, а пред сѐ да се стекне доверба во институциите поради лоши искуства при вршење на административни процедури и решението го гледа во новата технологија која може да олесни многу процедури.
Директорот Близнаковски се заблагодари за средбата и можноста за реализација на посетите, ги информира присутните за активностите на Агенцијата за иселеништво, за новата веб страна и за идните планови и ги повика присутните за соработка и комуникација по однос на нивни барања и потреби.
Претставниците од друштвото „11 Октомври“ од Трелеборг информираа дека друштвото постои од 1976 година и дека во минатото имале голем број фолклористи кои настапувале на бројни настани и манифестации. Самото друштво организирало културни и спортски манифестации каде учествувале по 16 фолклорни ансамбли од повеке друштва со целовечерни концерти. Имало и натпревари во шах, билјард, фудбал и друго. Сметат дека младите и новодојдените треба да ја продолжат оваа традиција.
Претставничката од „КСД Македонија“ информира дека друштвото порано било поактивно, тие претежно биле насочени кон заштита на правата на работничките како и процесите за осигурување. Во таа насока, смета дека иселениците треба да бидат повеќе едуцирани за осигурувањето при патување во Р.СМакедонија за да се надминат несаканите ситуации околу ненадејни болести и други несреќи.
Наставниците кои предаваат македонски јазик во Малме, Ландскрона, Лунд, Еслов, информираа дека освен поддршката што ја имат од Агенцијата за иселеништво, немаат друга помош од матичната држава. Затоа постојано се едуцираат во својата област потпирајќи се на свое лично искуство, креативност, потребите на учениците и можностите кои им ги нуди тамошниот систем, каде децата имаат право да им се допадне или не темата која се обработува и се учи преку визуелни ефекти и филмови за секоја тема. Потребни им се учебни помагала кои содржат наставни единици и од други предмети како: географија, историја, општествено уредување и друго.
Учебниците кои им ги праќа Агенцијата за иселеништво делумно им помагат во наставниот процес, но ги користат содржините за разни тематски единици и се благодарни за соработката и поддршката.