СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА И МЕДИУМИТЕ

0
400

СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА И МЕДИУМИТЕ

Поради раширените невистини за Службеното патување на директорот на Агенцијата за иселеништво во Италија од 3-5 Декември 2021 година, во продолжение ви го доставуваме „Извештајот“ за службеното патување кој уредно е доставен на увид непосредно по патувањето и до Претседателот на Владата на Република Северна Македонија г-дин Зоран Заев

ИЗВЕШТАЈ

ОД СЛУЖБЕНО ПАТУВАЊЕ НА ДИРЕКТОРОТ НА АГЕНЦИЈАТА ЗА ИСЕЛЕНИШТВО, СЛОБОДАН БЛИЗНАКОВСКИ ВО ИТАЛИЈА, ВО ПРИДРУЖБА НА РАКОВОДИТЕЛОТ НА СЕКТОР ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ И ОДРЖУВАЊЕ НА ВРСКИТЕ СО ИСЕЛЕНИЦИТЕБИЛЈАНА КОСТОВА И ДИНО БЛАЖЕСКИ, ОДГОВОРЕН ЗА АДМИНИСТРАТИВНИ РАБОТИ

На покана од страна на  претседателката на здружението „Камен мост“ од Канели,  Италија,  Илона Захариева, делегација од Агенцијата за иселеништво замина во Италија на службено патување од 3-5 Декември 2021 година со службеното возило.

Патувањето во Италија, со цел присуство на десетгодишнина од постоење на здружението „Камен мост“ директорот Близнаковски го искористи за посети и на други друштва:

На 3 декември 2021 година, петок, делегацијата оствари средба со претставници  на асоцијацијата „АМИНТА“ од Виторио Венето во присуство на: Саве Лазороски, Моника Лазороска, Горан Наумоски, Илија Чавкоски и претставници на организацијата „ТЕРА МИА“ предводена од Роберо Мемегон, воедно претставник и од Општината Пиеве ди Солиго.

На средбата присутните истакнаа дека се занимават со активности кои се насочени претежно за чување и негување на македонската култура и традиција. Имаат и  фолклорно друштво но поради пандемијата со Ковид 19, се повеќе активности се згаснати. Истакнаа дека нема настава по македонски јазик а потребата е голема затоа што веќе има втора и трета генерација ученици кои го губат јазикот.

Директорот Близнаковски информира дека за формирање на настава по македонски јазик е потребно билатерален договор помеѓу двете држави и дека е потребна ангажираност на заедницата, дипломатско-конзуларните претставништва и Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, како и образовните институции од Италија.

До тогаш, директорот Близнаковски ги повика родителите да ги пријават децата на on line настава по македонски јазик, која ја организира Агенцијата за иселеништво, во рамки на својата Годишна Програма за работа.

Претставниците од здружението АМИНТА информираа дека поради големиот број на македонски граѓани од тој дел во Италија, кои потекнуваат од југозападниот дел на Р.СМакедонија, потребна е нова авио-линија, Охрид-Тревизо.

Претставникот на Асоцијацијата „ТЕРА МИА“ г-дин Роберто Мемегон информира дека во иднина планират заеднички проекти со асоцијацијата „АМИНТА“ со цел искуството и капиталот со кој се здобиваат нашите иселеници во Италија, да ги применат и вложат во матичната држава. Посебно оваа соработка се однесува на реставрација на стари куќи и објекти со цел развој на автентичен рурален туризам. За реализација на овој проект, сметаат дека треба да се вклучат соодветните владини институции, како и универзитетите во двете држави од областите на археологија, градежни инжинери, архитекти, ликовна уметност и слично. Близнаковски повика дека во својство на орган кој ќе даде логистичка поддршка ја прифаќа соработката во рамки на можностите и надлежностите.

На 4 декември 2021 година делегацијата се упати кон Канели, област Пиемонте, со цел присуство на десетгодишнина на друштвото „Камен мост“ од Канели. Бидејќи официјалниот настан требаше да започне во 16:00 часот а следниот ден делегацијата имаше договорено други средби, директорот побара средба со претседателката Илона Захариева пред настанот што беше единствен термин да може да се информира за:

-активностите на друштвото „Камен мост“ во претходните 10 години;

-бројот на членството;

-која е главната занимација на заедницата во Канели и пошироко;

-со кои проблеми и потреби се среќаваат нашите во Италија и можности за решавање на истите;

-потребата од паралелка по македонски јазик;

-да се предадат едукативни материјали и буквари за учење на македонски јазик;

На оваа веќе договорена средба претседателката Илона Захариева не се појави, со изговор дека имала други обврски. На истиот состанок директорот очекуваше да биде информиран за протоколот на официјалниот настан, присуство на претставници од институции, редослед на поздравни говори и други детали, со цел професионален пристап како директор на Агенцијата за иселеништво.

Бидејќи не беше официјално откажан состанокот од страна на госпоѓа Захариева, а беше чекана еден час од страна на директорот Близнаковски, тој тоа го сметаше за несериозен пристап и понижување  кон македонската делегација и го откажа присуството на настанот за кој не доби никакви информации.

Делегацијата утрото на 5 декември 2021 година во Канели,  оствари средба со г-дин Златко Николовски од Женева и Трајче Папазовски од Ивердон, Швајцарија, воедно претставници на Македонскиот Национален Совет во Швајцарија, на која средба го информираа за нивните активности кои се претежно од хуманитарен карактер, како и за обидите да увезат противпожарни возила кои се половни а сметат дека ќе и бидат од помош на Р.СМакедонија. Директорот Близнаковски информира дека сепак возилата по старосни години е потребно да бидат согласно законските критериуми. На средбата се разговараше и за тековните проекти на Агенцијата за иселеништво како и за отвореноста на Агенцијата за нови предлози и идеи за работа од страна на иселеништвото.

На 5 декември 2021 година, делегацијата ја посети Македонската Православна Црква Св. Арахангел Михаил во Неиве, која е одалечена 20 км од Канели,  каде се одржуваше Богослужба по повод празникот Воведение на Пресвета Богородица. По Богослужбата, во просториите на Црквата, делегацијата оствари работен состанок со Управниот одбор предводен од Свештеникот Михајло Матевски и неговиот помошник Тоде Веселинов и беа пренесени информациите дека заедницата е во тек да го купи работниот простор до Црковниот храм, со цел да го преуреди за свое катче, каде ќе можат да се реализираат активностите не само од духовен туку и културен карактер.

Покрај редовните богослужби и тековните верски обреди, Црковната општина организира семакедонска трпеза по повод големи празници, делува хуманитарно по потреба и организира турнир во мал фудбал еднаш годишно.

Заедницата во овој дел од Италија е многубројна и заслужува посебно внимание од страна на државата, посебно во делот на изучувањето на македонскиот јазик.

На друштвата кои беа посетени, делегацијата им подари рекламен материјал, едукативни материјали за најмладата генерација  и тоа буквари, граматики и читанки, знамиња, привезоци и сувенири од историско и културно значење за Република Северна Македонија.

 Заклучок од посетите:

-Да се покрене прашањето за отварање на барем 3 паралелки по македонски јазик во Северниот дел на Италија

 -Да се види можноста за отварање на нова авио-линија: Охрид -Тревизо 

Директор,

Слободан Близнаковски

Изработил, Билјана Костова, раководител на Сектор за одржување и унапредување на врските со иселениците