Средба на Агенцијата за иселеништво со преставници на македонските здруженија во Шведска

0
436

На 11 Декември 2021 година директорот Близнаковски со соработници од Агенцијата за иселеништво оствари средба со раководството на Сојузот на Македонците во Шведска, претставници на здруженијата: „Гоце Делчев“, „Вардар“, „Питу Гули“, „Кочо Рацин“, Женскиот актив,  во просториите на друштвото „Гоце Делчев“,

Претставниците на Сојузот на Македонците информираа дека испратиле официјален допис до Министерот за надворешни работи со барања на одговор за иницијатива за признавање на возачките дозволи во Шведска и решавање на прашањето за пензиско и здравствено осигурување на иселениците, со потпишување на билатерален договор. Директорот Близнаковски замоли иницијативата да се испрати и до Агенцијата за иселеништво и ќе биде проследена до Владата и соодветните органи.

Претставниците информираа дека за сите потреби се обраќаат кон Амбасадата во Стокхолм како надлежна за нивните прашања и очекуваат поблиска соработка со Министерството за надворешни работи. 

Воедно од Министерството за внатрешни работи очекуваат убрзување на постапките за вадење на лични документи во текот на летните месеци, преку доекипираност на канцелариите и отварање на посебни шалтери и телефонски броеви за иселениците.

Исто така од страна на Сојузот на Македонците во Шведска се заблагодарија за соработката со Агенцијата за иселеништво од областа на културата, печатењето на литературни дела и стихозбирки, испраќање промотивни материјали и секојдневното информирање. Очекуваат организирање на конференција на која ќе присуствуват клучни лица од државните органи во чија надлежност се решавањето на проблемите на иселениците.

Претставници од друштвото „Гоце Делчев“ информираа дека порано имале богата фолклорна секција со настапи и членови, но денес интересот е се помал. Како мотивација директорот Близнаковски информира дека Агенцијата за иселеништво оваа година планира да организира Иселенички фолклорен фестивал на кој учество ќе земат заинтересирани групи од иселеништвото.

 Како мотор на активностите го посочија „Женскиот актив“ кој се издвојува со активности и успеси во работата на друштвото.

Членовите од друштвото „Вардар“ се заблагодарија на присуството и ги поздравија активностите на Агенцијата за иселеништво, посебно летните кампови. 

Претседателската на Сојузот г-ѓа Гордана Крклинска, воедно и член од друштвото „Питу Гули“ се заблагодари за средбата и ја истакна потребата за идна и плодна соработка со Агенцијата за иселеништво.