Интервју со Владо Јаневски- писател и мултимедијален уметник

0
722

Владо Јаневски е македонско-австралиски писател, сликар, илустратор, стрип уметник, светски патник. Најубавите денови од детството ги поминал во Велмевци, Прострање и во Битола каде израснал и завршил гимназија. Високо образование стекнал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 1989 година живее и работи во Сиднеј.

  1. Импресивна и богата биографија на македонско-австралиски писател, сликар, илустратор, стрип уметник. Во далечната 1989 година се селите во Сиднеј, Австралија. Зошто избравте да заминете токму во Австралија?

Не се работеше за желба, повеќе за потрага по нешто подобро. Тоа беше во периодот на последните години од она што беше Југославија. Земјата сè повеќе тонеше во енормна инфлација и почнуваа да се чувствуваат слабостите на тогашниот систем. Во едно такво турбулентно време ги завршив студиите во Скопје и почнав посериозно да се занимавам со пишување. Уште додека студирав освоив неколку први награди на конкурсите за краток расказ во „Студентски збор“ и една во „Нова Македонија“. Колку се радував кога Гане Тодоровски ми честита. Тогаш ми се објави и збирката раскази „Нема враќање“. Размислував како би изгледал животот на еден млад писател. Сепак од нешто требаше да се живее, затоа решив да се вработам како технолог, следуваше и стапување во брак и обид да се започне на свое. Но како млад брачен пар наидовме на лавина од проблеми, почнувајќи од тоа што живеевме под кирија. Не бевме членови на комунистичката партија и не сакавме да фаќаме врски, се чинеше дека ќе треба да поминеме низ мал пекол ако се обидеме чесно, само со свој труд да се избориме за нешто подобро. Во едни такви услови идејата да се замине беше на Еми, мојата сопруга, таа како да гледаше чекор понапред од мене, потоа следуваше време на размислување, разговори, дебатирање за или против заминување. Кога ја донесовме конечната одлука да заминеме, контактиравме неколку амбасади и се израдувавме кога брзо добивме одговор. Австралијската амбасада прва ни излезе во пресрет и нè повика на интервју откако процени дека го имаме бараниот број на поени. Денес можам да кажам дека сме среќни што ја избравме Австралија или поточно кажано Австралија нè избра нас, бидејќи земјата е навистина прекрасна. Ова секогаш си го велам во моментот кога авионот се спушта во сончевиот Сиднеј кога се враќаме од некое патување по светот. Тешко е да се опише тоа скокотливо чувство – Австралија како да зрачи со некаква позитивна енергија, чувство на слобода, стабилност, спокојство, радост.

  1. Со кои предизвици се соочивте со доаѓањето во Австралија? Дали Ви беше тешко да се прилагодите на новата промена?

Во Австралија дојдовме само со еден куфер и неколку книги. Најголемиот предизвик беше да се обезбеди покрив над глава и да се најде вработување. Пред да дојдеме во Австралија мене ми беше признаена факултетската диплома, но тоа не беше доволно да се вработам во струката, се бараше локално искуство. Затоа решив да се вработам на пониско работно место. За среќа мојот труд беше брзо забележан и набрзо бев преместен на работно место што одговараше на мојата струка. Во оваа земја имавме можност на најдобар можен начин да ја научиме лекцијата како со свои раце и свој труд чесно се заработува и редовно се плаќаат сметките. Некогаш беше полесно, другпат потешко, но успеавме релативно брзо да застанеме на свои нозе и да се прилагодиме на новиот свет. Всушност, уште пред да дојдеме тука знаевме прилично за Австралија. Се разбира, имаше уште многу што да се научи, затоа учевме секој ден, учиме дури и денес и досега научивме многу работи за оваа земја. Меѓутоа, како што спомнав погоре, најдобро можеш да научиш/сознаеш што ти се нуди во Австралија ако пропатуваш по светот и кога ќе се вратиш тука ти станува појасно колку вреди сето она што те опкружува и почнуваш да го цениш уште повеќе.

Владо Jaневски ги објавил романите: „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Либрис“, Скопје, 2020), „Чудо зад аголот“ („Магор“/„Пагома прес“, Скопје, 2020), „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019) и „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004). Автор е и на збирката раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“, Скопје, 1985).

  1. Од каде ја црпите инспирацијата за да создавате?

Инспирацијата е чудна птица, еднаш орел, другпат гулаб, долетува и одлетува кога ќе ѝ текне и никогаш не знаеш каде ќе слета, ако воопшто слета, со пленот во канџите или со гранче во клунот. Сум забележал дека треба да имаш отворен ум и да си дадеш слобода во процесот на творење. Денес е сè потешко да се изолираш во некое тивко место каде ќе можеш намира да создаваш. Затоа сум се навикнал наместо тивкото место да го барам во мојата околина, го барам во себе си. Така да неретко се случува да се наоѓам во прилично бучна средина, наплив од секаква врева и музика, но ми успева ментално да се изолирам од повеќето опструкции и да создавам. Создавање во такви услови си има свои предности, бидејќи е добар тест за проверка дали она што го создаваш вреди, дали е доволно добро за да ти го задржи вниманието. Исто, сум забележал дека идеите за нешто ново понекогаш ми доаѓаат додека си ги мијам рацете. Не знам тогаш што точно се случува во мојот ум, веројатно има некаква симболика во чинот на миењето, можеби некаков вид на чистење од нешто што поминало и правење место за нешто ново.

  1. Луѓето кои Ве следат на социјалните медиуми ќе забележат дека сакате да патувате и да создавате. Кои се местата на кои сакате секој пат да им се навраќате, што Ве инспирира и Ви буди желба за креација?

Отсекогаш сум сакал да патувам, но морам да кажам дека во тој поглед Еми е господарот/господарката на патувањето. Од неа вистински се заразив со вирусот на патување. Самото патување е еден вид на создавање. Додека патуваме, Еми многу почесто од мене му се оддава на фотографирањето и ужива во тоа. Јас сум најсреќен кога правам скици од местата што ги посетуваме или почнувам да пишувам нешто, фаќам белешки од интересни случки, детали кои подоцна ќе ме инспирираат да создадам нешто. Има повеќе такви места што просто те маѓепсуваат, во оваа прилика би го издвоил Рим. Повеќепати сум престојувал во овој град, изобилува со жива историја, остава силен впечаток дека тука во исто време живеат минатото и иднината. Во Рим треба само да се растовариш од сите грижи и да фаќаш белешки со умот додека чекориш по живописните улици, шеташ по галериите, музеите, старите градби, катедралите, парковите, поминуваш незаборавни часови по рестораните, кафулињата.

  1. Кое е местото каде сакате да се вратите повторно?

Речиси нема место што сум посетил низ светов каде не сакам да се вратам повторно. Веројатно затоа што со самата посета на некој начин се поврзуваш со местото и повторната посета е како да си се сретнал со стар пријател, гледаш дали лесно се препознавате, колку сте се измениле. Некои места се менуваат повеќе, некои помалку, некои како да се вечни, Рим на пример. Сите си имаат своја привлечност, особено кога веќе еднаш си ги посетил, тогаш како околу вратот да го имаш почесниот клуч на местото. Освен во светлиот Париз, повторно и повторно би сакал да престојувам во вечниот Рим, тука е и возбудливиот Њујорк со секогаш будниот Менхетен, кралскиот Лондон, светиот Ерусалим, хаотичниот Каиро и безвремениот Египет со пирамидите и пловењето по должината на Нил. Сакам повторно да се најдам и во дивината на Африка, во тамошната савана под Килиманџаро, меѓу стадата слонови, зебри, во близина на лавовите полегнати во сенка. Ја сакам секоја средба со секогаш пријателскиот Хонг Конг, со повеќето чудесни места низ Кина, особено по должината на Кинескиот ѕид или во Токио каде веќе се чувствувам како дома, особено во пролет кога цветаат црешите. Во едно такво место дури и пожелно е да се „изгубиш“, тогаш ќе научиш многу повеќе. Просто откриваш како телото и умот се поврзуваат со околината додека се обидуваш да се ориентираш без мапа и можеш да почувствуваш каде е она што навистина ти треба. Честопати тоа чувство не може да се опише со зборови.

  1. Може ли во Австралија да се живее од уметност? Какво е местото на уметникот во ова општество? 

Не само во Австралија туку и насекаде во светот најголемиот број на уметници не можат да живеат од уметноста. Освен во ретки исклучоци, дури и оние најуспешните понекогаш треба да умеат да преживеат работејќи нешто што не секогаш е поврзано со нивната уметност. Многумина од уметниците во Австралија поминале или сè уште поминуваат низ периоди кога меѓу два проекти, се нафаќаат да работат работи надвор од уметноста. Во мојот случај, напоредно со она што го пишувам и сликам, долги години се занимавав со истражување и развој на полето на технологијата, како дел од тимови во неколку водечки светски компании. Последниве неколку години можам да си дозволам поголема слобода и имам повеќе време за создавање и на тој начин можност за повеќе пишување и дружење со македонскиот јазик.

  1. Кои места во Република Северна Македонија Ви се допаѓаат и сакате на истите да се навратите кога ќе дојдете дома?

До пред ковид пандемијата секоја година се враќавме во Македонија, најчесто во Скопје, Охрид, Битола, во моето родно место. Важно ни е да не се прекинува врската со земјата од која сме заминале, силна е потребата да се враќаме и да не се забораваме. За жал, веќе две години не сме дошле во Македонија, затоа што не можеше да се патува. Во Австралија аеродромите за интернационални летови беа затворени. Во тој период пропуштив неколку претставувања на моите романи во Скопје и средби со блиски и пријатели. Во вакви услови со најблиските комуницираме претежно преку социјалните мрежи. Мајка ми најтешко ја поминува оваа изолација. Но и таа не се предава така лесно. За чудо, иако веќе е во своите осумдесетти години и никогаш претходно не користела компјутери, сепак, за релативно кратко време научи да ја користи интернет технологијата и редовно ме бара на Скајп. Во даденава ковид изолација барем на тој начин можеме да се гледаме и слушаме и да бидеме заедно.

  1. Голем број на книги, збирки и раскази ќе запишете во својата биографија. Дел од нив наградувани и во Република Северна Македонија, а воедно и после толку години надвор од својата татковина сè уште пишувате на литературен македонски јазик. Што за Вас значи создавањето на македонски, од каде ја црпите инспирацијата за да создавате дела кои долго ќе останат во историјата на литературната и издавачка дејност?

Велат дека можеш да чувствуваш само на својот мајчин јазик. Во Австралија сум веќе 32 години и од лично искуство можам да кажам дека тоа не е сосема точно. Сум забележал дека од поодамна не само што зборувам и размислувам на англиски јазик туку и чувствувам на тој јазик, веројатно за тоа придонесува и фактот што во текот на денот, заради работата или средината во која живеам, најголемиот дел од времето го користам англискиот. Кога живееш во таква средина каде немаш можност почесто да зборуваш или разговараш со некого на македонски, тогаш е сосема природно не само да зборуваш и да размислуваш на друг јазик туку да почнеш и да чувствуваш на истиот. Нема ништо необично во тоа, човек може подеднакво добро да чувствува на два јазика. Единствената разлика, барем во мојата глава, меѓу англискиот и македонскиот јазик е тоа што македонскиот е мојот мајчин јазик. Кога пишувам претпочитам да пишувам на македонски, најмногу затоа што на тој начин се обидувам да си го зачувам јазик и да го одржувам во добра кондиција. Вистинска авантура е да создадеш нешто на македонски јазик, особено во мојот случај кога истовремено чувствувам и на друг јазик. Додека пишувам се случува најпрвин да имам наплив на чувства на англиски јазик и потоа да се обидувам нив да ги пренесам на што е можно почист македонски јазик. Тогаш сум многу внимателен во избегнување на користење на недопечени странцизми, позајмени зборови, кога за нив си имаме сосема соодветни зборови во македонскиот јазик. За жал, добар дел од нашинците во туѓина, но и во Македонија, дали од мрзливост или од недоволно познавање на својот јазик, сè повеќе користат странцизми и го нагрдуваат нашиот убав македонски јазик, што е вистинска трагикомедија. Ова на најсликовит начин и со доза на хумор се обидов да го доловам во мојот роман „Made in Jabana“. Таму ликовите комуницираат и размислуваат, а со тоа и чувствуваат на таков јазик, силна мешавина на македонски со странцизми, еден вид на макострански јазик. Тој роман го напишав пред околу 16 години, кога направив еден вид на пресек на тогашната „загаденост“ на мајчиниот јазик со непотребни странцизми и можам да кажам дека во поглед на неконтролираниот наплив на странцизмите нашиот јазик сега е во уште полоша состојба. Непотребните странцизми ги користат не само добар дел од нашинците во светот туку речиси во иста мера и тие што живеат во Македонија. И во романот „Под друга капа“ каде ликовите од „ Made in Jabana“ продолжуваат со своите авантури, во дијалозите го користев таквиот макострански јазик. Во сите други романи почнувајќи од „Чудо зад аголот“, „Мртвите знаат најдобро“ и во најновиот „Смртта не е крај“, ја избегнувам употребата на макостранскиот јазик и го користам само нашиот убав македонски литературен јазик. Уживам кога пишувам на мајчин јазик. Тоа е мојата вистинска татковина.

Добитник е на наградата за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија Скрипт фест 2021 за сценариото „Под друга капа“и на наградата Пегаз за роман на годината во Македонија за 2020 г. за романот „Мртвите знаат најдобро“. Повеќепати бил наградуван и на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“. Застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит (Скопје, 2006 и 2007) и во списанијата за литература „Маргина“ („Темплум“, Скопје, 2006, 2007, 2008), „Книжевни елементи“ (Скопје, 2021), „Балкански книжевен гласник“ (Белград, 2007 и 2021).

  1. Во својата татковина ја добивте наградата „Пегаз, што ја доделува „Арс Ламина и фондацијата „Славко Јаневски, што значат за Вас наградите? Ве мотивираат ли за да создавате повеќе?

Не кријам дека се расплакав од радост кога дознав дека мојот роман „Мртвите знаат најдобро“ е награден како најдобар во конкуренција од преку 60 ракописи. Овој роман е нешто поинакво од она што вообичаено се пишува во Македонија. Се надевам дека тоа ќе успеат да го забележат и ценат и нашите литературни критичари. Добивањето на наградата „Пегаз“ за мене беше значајно и затоа што уште еднаш се уверив дека кај нас сè уште се цени и наградува самото дело а не името на авторот, ова го велам затоа што романот го испратив на конкурсот под шифра. Досега сум избегнувал да коментирам на оваа тема, но сега ќе кажам дека понекогаш имам чувство дека кога конкурирам на тамошните конкурси со име и презиме, наместо под шифра, тогаш има поголема веројатност да бидам заобиколен како некој што не е дел од извесни затворени книжевни кругови. Се надевам дека нема многу вистина во тоа, меѓутоа понекогаш ми се наметнува такво размислување бидејќи сите досегашни награди за романи, раскази или наградата за најновата за книга за деца сум ги добивал само кога сум конкурирал анонимно. Но штом го дознаат името на авторот и „намирисаат“ дека не си од „нивните“ тогаш почнува заобиколувањето. Колку се тие погоре споменати книжевни кругови затворени за некој однадвор ми кажува и фактот дека и покрај бројните награди за расказ, досега не сум бил вклучен во ниту една антологија на раскази од современи македонски автори или фактот дека и покрај досега четирите објавени романи и збирката раскази сè уште не сум член на Друштвото на писателите на Македонија. Пред неколку години се обидов да го контактирам друштвото и еве, сè уште чекам одговор. Не им се лутам, напротив, имаат голем поздрав од некој што не престанува да создава на македонски јазик затворен во својот светилник на другиот крај на светот. Сепак, најважно е што уживам во пишувањето и во дружењето со мајчиниот јазик, а наградите – не се неопходни, но се добредојдени, тие на оваа далечина уште повеќе радуваат.

Изложувал во Сиднеј и на интернет. Неговите слики се дел од приватни колекции на повеќе места во светот, дел од нив може да се погледнат на Фејсбук страницата „Art by Vlado Janevski – Enough Love or Gravity“. Објавувал карикатури во познатиот австралиски магазин “The Bulletin with Newsweek”. Неговиот дневен стрипAs Long As We Try” се објавува на Фејсбук и го следат над 2700 читатели. Од неодамна работи на својот најнов стрип „Палавковците“, што секојдневно се објавува на истоимената страница на Фејсбук. Работи и како уредник за книжевно и ликовно творештво во магазинот „Везилка“ каде претставува наши автори кои живеат надвор од Македонија.

  1. Се појавувате и како уредник во магазинот „Везилка“ каде работите на проект наречен „Под друга шапка“. За каков проект се работи? Истовремено, освен на социјалните мрежи, таму го објавувате Вашиот нов стрип „Палавковците“, која е целната група на „Палавковците“ и која порака до публиката се испраќа со него?

„Везилка“ е македонско-австралискиот магазин што изобилува со убави содржини и се обидуваме да се држиме понастрана од политика. Задоволство е да се работи со малиот тим, на чело со Ирена Трајковска. Проектот „Под друга шапка“ беше моја идеја за претставување на наши автори (писатели, поети, сликари, музичари…) што живеат и творат надвор од Македонија. Идејата беше прифатена од тимот на „Везилка“ и така започнав со претставувањето. Циклусот се вика „Под друга шапка“ затоа што секој напис е претставување со кое ѕирнуваме под творечката шапка на авторот. Во случајов шапката може да се толкува и како друга земја и се совпаѓа со тоа што претставувам наши автори кои творат под други шапки т.е. во други делови на светот. Досега на овој начин претставив околу триесетина автори и нивниот број продолжува да се зголемува. Се стекнува впечаток дека добар дел од нашите автори живеат и творат надвор од Македонија, што е за поздравување. Но, истовремено ова загрижува, бидејќи е еден вид на индикатор дека не е така мал бројот на оние што ја напуштиле земјата и голем дел од нив не размислуваат да се вратат. Се чини д

ека земјата не губи само работна рака туку истовремено добар дел и од уметноста и културата си заминуваат. Затоа мислам дека во такви услови не треба да се заобиколуваат туку треба подеднакво да се ценат и нашите автори што живеат надвор од Македонија. Само така нашата култура ќе ја преживее глобализацијата и ќе стане посилна.

Во „Везилка“ го објавувам и мојот стрип „Палавковците“. Се обидувам да не бидам премногу сериозен за време на творечкиот процес. Ги сакам хуморот и смеата, така се родија „Палавковците“ и тоа е улогата на јунаците од овој стрип – да се насмееме, најчесто на своите грешки. „Палавковците“ си имаат и своја Фејсбук страница каде се добро прифатни и си имаат свои редовни посетители (помлади и постари), некои од нив ми рекле дека стрипот им дава дневна доза на ведрина. За мене тоа е комплимент и секое утро уживам кога ја припремам следната епизода со „Палавковците“. Намерата ми е еден ден да објавам книга со јунаците од овој стрип, еден вид на селекција од повеќе епизоди.

  1. Кој е важен предуслов за да имате добар резултат во создавањето на интересни и успешни проекти?

Најважен предуслов ми е да го сакам она што го правам. Потребна е и претходна подготовка, најчесто стекната преку постојано себе надградување, истражување. Ми помага и патувањето, запознавањето од прва рака со интересни места и култури. Патувањето и создавањето се на некој начин испреплетени, просто како да влегуваш во филм. Додека патуваш филмот како да оживува, дишеш подлабоко и со повеќе страст впиваш детали, слики, нови лица, настани, интересни случките што те опкружуваат. Во твојата меморија сето тоа се ткае со живи бои и таму останува како живописна таписерија на која подоцна можеш да ѝ се навраќаш и од таму да црпиш енергија за создавање, креирање.

  1. Што за Вас значи успехот?

Правам разлика меѓу награда и успех. За мене успех не значи само да се биде награден или да се добие некакво признание за постигнатото. Под успех првенствено подразбирам да се заврши она што сум го започнал. Долг е патот од раѓањето на идејата до конечната верзија на она што сум наумил да го создадам, изодувањето на самиот пат и стигнувањето на крајната цел е успех.

  1. Постојано создавате, што можеме да очекуваме во иднина од Вас, дали работите на нов проект?

Имам неколку нови проекти, некои се финализирани и би требало да се објават наскоро, најверојатно во првиот дел на 2022 година, зависно од програмата на издавачката куќа Арс Ламина во Скопје. Тука е мојот најнов роман „Смртта не е крај“, во кој се појавуваат некои од ликовите од наградениот роман „Мртвите знаат најдобро“, но овојпат тие се претставени во друг простор и во сосема поинакво светло. Потоа тука е мојата прва илустрирана книга за деца „Луѓето и змејовите“ и бајката „Папагалот и кучето“, кои исто така би требало да се објават некаде во 2022 година. Се израдував кога пред некој ден, на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ добив откупна награда, па очекувам и овој расказ наскоро да биде објавен. Но не запирам тука со пишувањето, неодамна почнав да работам на уште еден роман кој ми е најнов предизвик и ми овозможува да зачекорам во недоволно истражена, мистериозна и скокотлива територија. Прилично е откачен. Уживам додека го пишувам, поточно, уживам кога романот ќе почне самиот да се пишува. Освен со креативно пишување, планирам да продолжам да работам и како уредник во „Везилка“ каде сакам да започнам нов проект наречен „Гости од Македонија“. Замислата ми е да поканам да гостуваат наши автори од стариот крај. Ќе се обидам да направам еден вид на нивно претставување, нешто како мост на соработка со цел да го намалам јазот меѓу оние што творат во дијаспората и оние во Македонија.

  1. Која порака ќе ја испратите до сите читатели на ова интервју?

Порака? Не треба да се очекува дека некој треба постојано да ви помагам. Човек треба да научи самиот да си помогне, притоа треба да си помага не само себеси туку и на другите наоколу, без да очекува нешто за возврат, доволно е самото чувство на исполнетост дека денес сте му помогнале некому. Исто, треба да се биде одговорен, но истовремено не треба да се биде премногу сериозен, никогаш не треба да се заборава моќта на насмевката и на смислата за хумор, но и на убавиот збор.