На 3 декември 2021 година, петок, директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски оствари средба со претставници на асоцијацијата „АМИНТА“ од Виторио Венето во присуство на: Саве Лазороски, Моника Лазороска, Горан Наумоски, Чавковски Илија и претставници на организацијата „ТЕРА МИА“ предводена од Роберо Мемегон, воедно претставник и од Општината Пиеве ди Солиго.
На средбата присутните истакнаа дека се занимават со активности кои се насочени претежно за чување и негување на македонската култура и традиција. Имаат и фолклорно друштво но поради пандемијата со Ковид 19, се повеќе активности се згаснати. Истакнаа дека нема настава по македонски јазик а потребата е голема затоа што веќе има втора и трета генерација ученици кои го губат јазикот. Директорот Близнаковски информира дека за формирање на настава по македонски јазик е потребно билатерален договор помеѓу двете држави и дека е потребна ангажираност на заедницата, дипломатско-конзуларните претставништва и македонското Министерство за образование и наука, како и образовните институции од Италија.
До тогаш, директорот Близнаковски ги повика родителите да ги пријават децата на on line настава по македонски јазик, која ја организира Агенцијата за иселеништво, во рамки на својата Годишна Програма за работа.
Претставниците од здружението АМИНТА информираа дека поради големиот број на македонски граѓани од тој дел во Италија, кои потекнуваат од Охридско-Струшкиот регион и потребна е нова авио-линија, Охрид-Тревизо.
Претставникот на Асоцијацијата „ТЕРА МИА“ гдин Роберто Мемегон информира дека во иднина планират заеднички проекти со асоцијацијата „АМИНТА“ со цел искуството и капиталот со кој се здобиваат нашите иселеници во Италија, да ги применат и вложат во матичната држава. Посебно оваа соработка се однесува на реставрација на стари куќи и објекти со цел развој на автентичен рурален туризам. За реализација на овој проект, сметаат дека треба да се вклучат соодветните владини институции, како и универзитетите во двете држави од областите на археологија, градежни инжиниери, архитекти, ликовна уметност и слично. Близнаковски повика дека во својство на орган кој ќе даде логистичка поддршка ја прифаќа соработката во рамки на можностите и надлежностите.