Интервју со Звонко Танески – поет, критичар, есеист и преведувач

0
522

Звонко Танески е роден на 12.03.1980 година во Кичево. Поет, критичар, есеист и преведувач. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Остварил студиски престој на Универзитетот во Перуџа, Италија. Докторирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава, на Катедрата за словачка литература и литературна наука. Подоцна уште докторирал и на Катедрата за превод и толкување на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра со тема од областа на словачко-македонските книжевни и културни врски.

Во својата богата биографија, г-дин Танески ќе запише голем број на студиски престои, како на Универзитетот во Перуџа – Италија во 2003 година, а наедно и голем број на предавања. Како докторанд на братиславската катедра ги предавал периодично предметите „Преглед од историјата на јужнословенските литератури“ и „Современа словачка поезија“. Работел и како прв лектор по македонски јазик и литература на Катедрата за словенски филологии, на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава, Словачка (2004-2007) и повторно од 2015 до денес.

 

  1. Долга и импресивна биографија, од каде желбата за изучување на општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје? Дали книжевноста беше Вашиот прв избор на студии?

 

Да, книжевноста беше моја прва љубов од детството. Уште во текот на основното училиште почнав да пишувам поезија, а во средношколските денови веќе и редовно објавував во државните списанија, а мои песни беа сè почесто и наградувани на домашни и меѓународни книжевни конкурси. Тоа значеше дека и пред матурирањето знаев дека сакам да студирам книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а студиите по општа и компаративна книжевност ми се наметнаа небаре самите од себе, бидејќи отсекогаш сум размислувал првенствено космополитски, и својата македонска книжевност ја согледував во поширок еверопски и светски контекст, бидејќи сметам дека токму таквиот аспект на нејзината отвореност претставува наедно и нејзино обогатување, како и зајакнување на нејзините главни идентитетски обележја.

Член е на Клубот на независни писатели при Асоцијацијата на писателски организации на Словачка од 2006 година, прв македонски редовен член на Меѓународната асоцијација на писатели и публицисти Authors and Publicists International Association  со седиште во Рига – Латвија, член на Светското поетско друштво  ̶  Poetas Del Mundo (од 2016 година); член на Словенската литературна и уметничка академија со седиште во  Варна – Бугарија и координатор на академијата за Република Словачка (од 2017 година); член на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија (од 2013 година), на Чешко-словачката асоцијација за компаративна книжевна наука (од 2016 година) и член на нејзиното главно претседателство (од 2019 година) и на Европската мрежа за книжевна компаратистика (Réseau européen d´études littéraires comparées / European Network for Comparative Literary Studies) од 2009 година; активен член на Здружението на преведувачи на Република Македонија (од 2012 година) и на Македонско-словачкото друштво за економска и културна соработка (од 2012 година), а исто така и член на главниот научен одбор на меѓународните списанија Konštantínove listy (Constantine´s Letters) од 2012 година, Art Communication & Popculture – A&P од 2014 година, Litikon – Journal for Literature Research од 2016 година и Контекст (Context – Review for Comparative Literature and Cultural Research) од 2017 година.

 

  1. Голем број на референци во биографијата на еден успешен млад човек, како го организирате времето и како успевате да ги реализирате сите потребни активности? Дали можеби е потребна одлична организација?

Секако, потребна е редовна дисциплина и одлична организација. Сведоци сме дека живееме во едно мошне динамично и стресно време, преполно со обврски и со наметнати рокови, па без соодветен план и без добро менаџирање на приоритетите, не можеме да учекуваме некој поголем успех или видлив напредок. Времето ни е денес драгоцено на сите, но, притоа е важна и личната добра волја, мотивацијата и ентузијазмот кои не треба да дозволиме да нè напуштат. Значајно е да си ја сакаме работата (да не ја сметаме само како задолжение кое сме принудени да го реализираме) и таа и да нè исполнува. Доаѓаат мигови и на замор и на демотивација од различни причини, меѓутоа убаво е секогаш да се изнајдат сили за чекорење понатаму. Активниот елан нè одржува во форма, така напати и самите се надминуваме себеси и сфаќаме дека она што го правиме е сепак полезно и дека вложениот труд не е залуден.   

 

Од септември 2015 година работи како универзитетски професор на Катедрата за словенски филологии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава, каде што предава Јужнословенски книжевности, Книжевна компаратистика, Теорија на преведување и меѓулитерарност, но, исто така, под негово водство повторно се отвораат во Република Словачка (на најстариот, најголемиот и најдобриот државен универзитет „Коменски“ во Братислава) и предметите „Македонски јазик 1 и 2“, ама и „Факти за Македонија“ и „Македонски филм“.

 

  1. Како е да се биде професор надвор од дома, на што ги учите вашите студенти и како ги организирате деновите посветени на предавање на овие предмети?

Професорската работа е секаде благородна, иако во последно време е, за жал, и помалку ценета и платена. Еднакво важно и привлечно е да се биде професор и дома и надвор со таа разлика што прифаќањето и инкорпорирањето во странската средина претставува процес кој трае подолго, знае да биде и макотрпен, а редовно нуди и прилично тешки предизвици кои треба благовремено и успешно да се надминуваат за човек да успее да го задржи дигнитетот што го создавал не само во својата родна земја, туку пред сè надвор од нејзините граници, а со тоа фактички и во поголем број наврати да потврдува дека неговите професионални сознанија се навистина препознаени и применливи во поширок ареал. На тој начин стануваме и принудени сè почесто да бидеме самокритични и да настојуваме уште повеќе да се усовршуваме и да ги следиме и најновите текови во конкретните научни области за да останеме актуелни и будни за сите прашања кои сега ги засегаат помладите генерации. Инаку, од студентите барам знаење, ама секогаш и пријателски ги советувам да размислуваат при совладувањето на студискиот материјал со отворена глава, без предрасуди, и секогаш да расудуваат објективно, етички и конструктивно. Предавањата ги дополнувам во текот на целата академска година, така што тука нема предвиден застој, затоа што ваквата професија е, всушност, вечен work of progress.

Добитник е на повеќе книжевни награди во Република Северна Македонија и во странство, меѓу кои би можеле да се издвојат наградите за поезија: од C. R. I. C. за млади уметници од медитеранските и балканските земји (Реџо Калабрија – Италија, 1995), наградата „Ацо Караманов“ (Радовиш, 1997), „Бели Мугри “ (Скопје, 2012), златен медал „Poet laureate” (Манила – Филипини, 2013), плакета за целокупно поетско и научно творештво и за посебни заслуги во областа на славистиката од Ректорот на Универзитетот во Варна во рамките на меѓународниот книжевен фестивал „Словенска прегратка“ што го организира Словенската литературна и уметничка академија (Бугарија, 2015) и др., за најдобар книжевен превод – „Златно перо“ (за преводот на делото „Патагонија“ од Душан Митана во 2013 година) од Сојузот на литературните преведувачи на Македонија, како и наградите за научен есеј: на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје (1999, 2000, 2001), на Институтот за јазична и стручна подготовка на странски студенти и докторанди (ÚJOP) во Братислава (2003), на меѓународното списание „Корени“ за 2013 година, потоа меѓународната награда „Гоцева мисла“ што ја доделува Фондацијата за културна и научна афирмација „Македонија презент“ од Скопје за севкупен ангажман и придонес на планот на афирмацијата и презентацијата на македонската книжевност и култура во странство (2016).

 

  1. Голем број на добиени награди по повод голем број на успешни активности како дома така и во светот. Што значи за Вас наградата, дали можеби можете да издвоите неколку кои Ви се посебно драги и кон што Ве цели истата?

Наградите ми се драги единствено од гледна точка на тоа што тие претставуваат валоризација на вложените напори за беспрекорна завршница на едно дело. Научникот и уметникот не создаваат со првична намера да бидат секогаш наградувани, тие творат во согласност со својот внатрешен порив и благодарение на него го одржуваат постојано својот дух свеж, немирен и љубопитен. Без тоа и натамошниот научен и уметнички процес би бил оневозможен. Немам издвоено повеќе или помалку драги награди, сите ми се во еднаков обем драги, во тој домен е можеби побитно да потенцирам дека не сум дозволил ниту една од нив да ме возгордее, да ме убеди дека сум го достинал врвот и дека треба да застанам тука. Напротив, тие претставуваат само несомнен поттик за уште посмело и поодговорно одење напред.

Највисоката словачка државна награда „Павол Орсаг Хвиездослав“ за преводи од словачката книжевност во светот (на странски јазици) за 2017 година му беше врачена на Звонко Танески, книжевен преведувач, поет, критичар, научник, есеист, антологичар, уредник и професор на Катедрата за словенски филологии при Филозофскиот факултет на државниот универзитетот „Коменски“ во Братислава.

 

  1. Добитник сте на највисоката словачка награда „Павол Орсаг Хвиездослав“ за преводи од словачката книжевност. Како е да се работи надвор од дома, да се создава, но и да се нижат успеси кои Ве чинат вистински амбасадор на Вашата татковина?

 

Сакам да верувам дека делумно ги разјаснив некои од овие нешта во претходните свои одговори. Како и да е, би повторил дека животот надвор од дома е „нож со две острила“, можете со текот на работниот век да постигнете реномиран статус и заслужен углед во странство, но за тоа треба и многу да жртвувате, а подоцна и таквиот статус и углед да го одржувате и уште повеќе да го доградувате во нагорна линија, бидејќи тој не ви е даден еднаш засекогаш. Животот денес стана насекаде борба, конкуренцијата е голема и немилосрдна, важно е да се работи упорно и чесно и да се биде трпелив, затоа што бездруго замислените резултати порано или подоцна ќе бидат испорачани. Истрајноста треба да нè направи посилни иако на патот до успехот неретко во денешниот суров свет ќе наидувате и на завист, и на кочници од различни инстанци, кои не треба да дозволите да ве скршат и да ви создадат неизлечиви рани. Најпрвин треба да го зачуваме душевното и телесното здравје за да можеме потоа со несмален елан да влегуваме и во нови битки, кои, сакале или не, задолжително и повторно ќе дојдат на дневен ред и ќе побараат соодветна паметна разрешница.

 

Во 2009 година му била доделена висока словачка државна награда за научни достигнувања и за исклучителни публикации од страна на ректорот на Универзитетот во Нитра, а во 2015 година ја освои и премијата на Литературниот фонд на Словачка за најдобра научна и стручна литература за 2014 година во категоријата „Речници и енциклопедии“ за ко-авторството на делото „Словачко-македонски речник“.

 

  1. Колку време работевте на „Словачко-македонскиот речник, што за Вас значи неговата изработка?

 

Проектот „Словачко-македонски речник“ го работев заедно со колегите од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје – проф. д-р Гоце Цветановски (кој наедно беше и уредник на проектот) и проф. д-р Љупчо Митревски. Речникот излезе од печат на почетокот од 2014 година, работевме на него повеќе години, а идејата за негово објавување датира најверојатно уште од 2007 години, кога јас ги завршував своите докторски студии во Братислава. Станува збор за воопшто прв речник од таков вид, а неговата изработка е, на општо ниво, придонес и за европската славистика (во чии рамки природно влегуваат македонската и словачката лексикологија), а дотолку повеќе претставува и корисен материјал за студентите по македонски јазик, литература и култура во Словачка. Претпоставувам дека речникот им ја олесна комуникацијата и на поголем број други македонски и словачки граѓани, кои од деловни, семејни или туристички побуди стапуваат во секојдневен или периодичен контакт со двата јазика. Најпосле, Словачка се покажа најново и како еден од најголемите политички пријатели на Македонија во нејзиното интегрирање во европските структури, па затоа изработката на таквиот речник би можела да се смета и за несебичен влог што моравме, ете, да го понудиме за доброто на обете страни и за продлабоченото и непречено развивање на словачко-македонските билатерални врски.

 

Во богатата биографијата на професорот Звонко Танески исто ќе забележиме голем број на преводи и препеви и голем број на поетски книги, творењето и создавањето е една од активностите кои овој професор ги чини во периодот  надвор од деновите како професор на Факултет. Преку 30 дела на поетски книги и преку 40 преводи и препеви на книги на македонски јазик.

 

  1. Што Ве инспирира да создавате и креирате, со оглед дека имате зад себе големо искуство и како го организирате Вашиот работен ден?

Ме инспирираат најмногу обичните нешта што го прават животот убав и вреден за уживање. Човек треба секогаш да копнее да биде уште подобар, бидејќи секогаш се може и повеќе и подобро. Лошо е ако паднеме во летаргија, ако ни стане сеедно, ако престанеме да работиме на личниот развој, бидејќи со тоа и самите си ја сечеме гранката што ни ја пружала сенката и ни го вдахнувала здивот кога ни било најтешко. Треба да бидеме благодарни на секој нов ден и да настојуваме да извлечеме од него максимум, бидејќи животот тече брзо, непредвидлив е и никому не му овозможува реприза.

  1. Покрај професионалниот ангажман, како го исполнувате Вашето слободно време?

 

Слободното време гледам да го поминам најмногу со децата (со моите два сина кои секогаш ги имам пред очи што и да работам и каде и да сум), со поширокото семејство (иако тоа не е секогаш изводливо поради далечината), потоа во пешачење, слушање музика, гледање филмови или одење на кафе-разговори со колегите и пријателите.

 

 

  1. Што значи за Вас успехот?

 

Успехот е само едно животно скалило што ни потврдило дека во извесен период сме го достигнале стадиумот што сме го посакувале. Сепак, сите луѓе имаат сопствени приоритети и замисли за тоа што претставува успехот и во која сфера од животот е тој најпривлечен и најдобредојден. Универзална формула не постои, можеби е успех само токму она што нè прави среќни, а и тоа (верувам дека ќе се согласиме) не е малку.  

 

  1. Кои се вашите идни планови?

 

Работам паралелно на повеќе научни студии и книжни преводи. Ритамот на нивно завршување и презентација пред јавноста зависи од бројни фактори (не само од мојата работна ефективност), така што гледам навремено да се приспособам и на прагматичните барања од средината што ме опкружува, па така штом се има некој план – верувам дека постепено ќе стигнат и резултатите на задоволство на сите.

 

  1. Што ќе им порачате на сите кои го читаат ова Ваше интервју?

 

Им порачувам да внимаваат на своето здравје и да ја зајакнуваат упорноста која е неопходна во реализацијата на сите прекрасни нешта што замислиле да ги остварат, а кои ќе им го направат животот порадосен, а душата повесела. Да се крепиме заедно, да останеме луѓе и да не забораваме дека, независно од сè, од љубов не треба никогаш да се бега.